Записи на Хајкерите од Богомилски Марш

Ден четврток- цела екипа на I love hiking – group Macedonia на број 30 луѓе е во исчекување на големиот марш кој се одвива од Богомила до Скопје, сите се во некоја паника, фрчат телефони –последните прашања се поставуваат … Што да земам, има ли таму кај да се свари кафе, колку има одење, какво ќе биде времето … и се така си врви ли врви цел ден. Од толку ентузијазам почнувам да се сомневам дека во младава екипа со мене има нешто што јас го немам и затоа почнувам разговор со секој за да видам кој е импулсот и од каде потекнува. Ден втор, петок – Христифор се јавува 2 часа пред почетокот –“ Ајде долу сум, те чекам “ – си викам нешто многу брз е дечково и почнувам да си го варам кафето за пред пат така лефтерно како што ми беше испланирано времето. 14:30 на Железничката станица Скопје- храбри, смели насмеани момци и девојки купуваат карти и итаат во прегратка сите еден кон друг – Одиме !!! Јеее !!! Искри во очите кај сите – нема исклучок. Стасаа и најмладите Данче 23 год и Гого 15 год од Велес , се запознавме како што е редот, сите се сместивме и авантурата започна.13086926_Bogomilski marsh april 2016

Од Богомила фативме такси до селото Папрадиште додека еден дел ќе ни се придружат со кола подоцна. Решивме да одиме преку најубавата и најзачуваната шума на планината Јакупица од масивот Мокра и целиот пат да го поминеме во сликање и уживање. Но тоа не се случи –бев со најбрзата екипа досега. Час и нешто ситно до домот Чеплес, да не ги застанев кај карпата за да се сликаме, ќе се качевме во еден здив. Секоја чест, цела екипа млада и здрава. Во домот – кулинарски специјалитети – Љубодраг со неговиот кулен , дечките со салатите , јас со мојот пост и така се направи мало журче …. потоа си легнавме. Ден трет-сабота – 05:00 часот станување , 5:50 часот сликање , 06:00 часот тргнување… Тргнување кон Солунска Глава на се уште неизлезено сонце. Нема поубаво доживување за планинар, кој чека на некое место на планината за да го види искачувањето на “Велештрумф” некаде од истокот. Инаку Солунска Глава е висока 2540 метри и е врв првенец на масивот Јакупица уште познат и како Мокра и се наоѓа во централниот дел на РМ и има форма на морска ѕвезда ако ја гледате одозгора. Масив кој ја сочинуваат 5 големи планини: Јакупица, Караџица, Голешница, Даутица и Китка .

13087203_Bogomilski marsh april 2016

На врвот добивме чај од војската или полицијата, кој и да беше, сите се исти кога не им обрнуваш внимание. Тргнавме по новиот пат до ПД Караџица кој е многу поживописен од стариот . Така си талкавме низ височините од планината – најубавиот дел (кога се оди по сртовите горе без многу качување). Патот што го изoдeвме беше 20 км, одевме доста брзо за марш во кој учество земаа вкуппно 49 планинари. Најубавото место на втората етапа, беше месноста Жаба, кај реката под Домот Караџица. Стасавме во домот во 16:00 часот и се закрепивме со преубава зеленчукова чорба. Се сместивме како така и журчето продолжи, не до доцните часови ама сепак траеше. Ден недела- 04:00 часот станување – 05:00 тргнување – многу негодување за толку раното станување. Сите пак свежи поима немам како, со само 4-5 часа спиење се упативме кон с.Алдинци , ја симнавме Кадина река каде има едно импровизирано мостче, потоа се качивме кон с.Цветово каде не дочека еден студен облак во кој и влеговме, се разделивме во шумата и пак се споивме сите на Марков манастир. Закрепување-чај со лимон . Пак ќе кажам многу брзо за еден марш стигнавме до подножјето на Водно – с.Соње. Неделата изодевме 25 км на Водно стасавме во 14:30 часот. Горе ПСК-Бистра кој го има како традиционално во својот календар овој марш не почести со гравче, салата, ракија и пиво. Благодариме на добриот ручек. Сите насмеани весели се вративме во нашите градови и продолжиме со нашите активности. Секако само како насмеани личности, кои целата реалност не ја сфаќаат стресно, туку така насмеани го чекаат духот да се врати кој се уште е накаде таму,горе и полека се симнува кон нас, до нашите тела, за да се соедини и да бидеме едно.

Текст: Дејан Доневски13063305_Bogomilski marsh april 2016


13041040_Bogomilski marsh april 2016
13041202_Bogomilski marsh april 201613055051_Bogomilski marsh april 2016 13086685_Bogomilski marsh april 201613063419_Bogomilski marsh april 201613063194_Bogomilski marsh april 201613112796_1Bogomilski marsh april 201613048144_Bogomilski marsh april 201613063194_Bogomilski marsh april 2016 (2)13054983_Bogomilski marsh april 201613113032_Bogomilski marsh april 201613055637_Bogomilski marsh april 2016

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки