Што точно се случи на Кајмакчалан?

Во спомен на Калина и Александар

Македонија и граѓаните на Воден, соседна Грција, особено во местото Лутраки се во шок. Сите едноставно не можат да веруваат во тоа што се случи и како дојде до оваа трагедија. Кога го посетивме Лутраки, веднаш по информациите за исчезнувањето на двајцата македонски планинари, Митре, сопственикот на ресторанот „Кај Митре“ задушувајќи се во солзи ни рече дека тоа е голема трагедија.
– Тој ден имаше големо невреме. Дуваше силен ветер, а и беше многу студено. На тој дел од Кајмакчалан, каде што се изгубија двајцата планинари, постојано има такви витли што тешко можат да ги совладаат и тие што најдобро ја знаат оваа планина. Како се решија по такво невреме да се искачат на Кајмакчалан групата планинари не знам. Но доколку мене ме прашаа јас ќе им забранев да се искачуваат – ни вели Митре од Лутраки.

13022018095535_web_15590197_titov vrv kalina velevska
Во саботата на Кајмакчалан се загубија два млади живота, загинаа двајца искусни планинари и големи вљубеници во планината, младата Калина и Александар. Откако Калина и Александар од своите мобилни телефони побараа помош, во нивното спасување тргнаа грчките спасувачки екипи. За исчезнувањето на Калина и на Александар беа известени и македонските власти. Подоцна, кога беа лоцирани каде се наoѓаат тие тргна потрагата по нив, но поради невремето таа мораше да биде прекината. Наредниот ден од страна на противпожарната единица на Воден беа извлечени нивните смрзнати тела, кои подоцна беа предадени во болницата во Јаница, а наредниот ден беа префрлени во Солун на обдукција. ,,Планината нѐ прави среќни, ни ги трга секојдневните грижи, прави да се чувствуваме убаво, ни буди најубави емоции. Сепак, не смееме да заборавиме на нејзината моќ, на нејзината големина и никако не смееме да ѝ водиме инает“, напиша младата Калина пред неколку години во својот дневник. Како се случи Калина и Александар да се загубат на Кајмакчалан знаат само тие двајцата. Вистината за нивното исчезнување ја однесоа со себе.
Од планинарскиот клуб „Трансверзалец“ не сакаат да излегуваат во јавноста со детали за тоа како се случи трагедијата. Некои од групата велат дека покрај водачот на експедицијата, наводно и Калина, како искусна планинарка била втора водичка на групата и затоа била последна и имала со себе радиостаница. Во еден момент поради невремето било предложено експедицијата да се врати назад. За таквата одлука по воки-токи била известена и Калина, која почнала да ги известува планинарите од крајот на колоната, па нанапред, за промената на планот, за да се вратат назад во Лутраки. Според информациите со кои располагаа локалните жители од Лутраки, а кои не беа потврдени од надлежните служби за потрага и спасување, во еден момент таа и Александар наводно се одвоиле од групата, но само за да спасат некоја жена што заостанала. Тоа е моментот по што им се губат трагите. И покрај тоа што тие преку радиостаницата го лоцирале местото каде што се наоѓаат, па потоа преку своите мобилни телефони, преку универзалниот сигнал 112 побарале помош, а три члена на експедицијата се вратиле по нив, поради тешката виулица и силен студ, не успеале да се сретнат и извлечат како група, а Калина и Александар останале загубени во планината. Упатениот повик за помош преку мобилните телефони од страна на Калина и на Александар биле примени од страна на грчките спасувачки служби, но повторно поради мракот и исклучително лошото време не можеле инстантно да реагираат. Според неофицијалните информации од грчките спасувачки служби, Александар и Калина биле лоцирани и пронајдени според сигналот од нивните мобилни телефони и иако Александар, за разлика од Калина, покажувал знаци на живот, хипотермијата го зела својот данок, а двајцата млади планинари за навек потонале во сон. Како и во други планинарски трагедии се покажа дека планината, а особено Кајмакчалан е непредвидлива. Но оваа трагедија уште еднаш покажа дека мора да им се стави крај на какви било импровизации на организирање неорганизирани планинарски експедиции, особено во зимски услови. Без разлика на искуствата што ги имаат планинарите не може и не смее да се организираат експедиции без локални водачи. Но оваа трагедија покажа дека кај нас владее и огромна неорганизираност кога се во прашање спасувачките горски служби. Калина и Александар ги завија во црно своите најблиски. Единствената утеха што во овие траурни моменти е што Калина и Александар, кои постојано сонуваа за освојување на висините, останаа во небесната шир каде што ќе ги најдат својот вечен мир и спокој.

извор: Нова Македонија

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки