Кавказ 2017 година, Елбрус 5642 м. и Казбек 5047 м

Ви пренесуваме интересна и корисна репортажа за сите оние кои се на ум да го искачат кровот на Европа, егзотична дестинација низ призмата и искуството на Петар Герасимов – ПСД Макпетрол 

DSC_0357-1kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

… За миг помислив дека емоциите, љубовта, желбата и потребата од планина се губат, се трошат како многу работи во животот, па ми се виде, уште додека траеше експедицијата на Кавказ, дека по ова нема да можам да помислам на планина, барем до крајот на месецот. Ама ете, на пат кон дома, сé уште со грчеви во нозете, со хроничен замор и ненаспаност, додека го чекам долго очекуваниот ручек во еден ресторан во Степантсминда во Грузија, замелушен од пријатните звуци на некои чудни етно инструменти на кои што свиреа група млади луѓе од Франција, во ретките моменти со ви-фи пристап дознавам за наредната клупска акција на Проклетије. Mоментално заборавам на сé што сум кажал и помислил до претходниот момент и, ете ме, по само едно деноноќие, по четврти пат, пак на Проклетије… Прекрасна тура, прекрасно друштво, едноставно не смееше да се пропушти, но за тоа потоа…

Кавказ 2017, што да се каже, а да не се испушти нешто, и во исто време да се остане концизен, ненаметлив, интересен, информативен. Затоа, нека биде ова еден вид водич, полн со сите потребни информации и препораки за сите оние што сакаат за првпат да се упатат во тој правец.

На 14 јули 2017 година, во организација на ПСД Макпетрол, во петок во претпладневните часови, петчлената екипа во состав: Елена Џекова, Ирина Дишовска, Дарко Вуловиќ, Тодор Ивановски и Петар Герасимов, четири членови на ПСД Макпетрол и еден член od ВАК Анапурна, тргнавме со прецизно зацртан план и одредено време на патување, пристигнување, претходно извршени резервации за попатни ноќевања, точно определен редослед на ноќевања во домовите, план за аклиматизација, предвидени денови за искачување на врвовите и резервни денови во случај на невреме. Бидејќи сите прв пат одиме на тој крај од светот, се потрудивме да собереме што повеќе информации од планинари кои биле претходно на Кавказ. Ни беа од огромна помош но имаше и нови моменти со кои требаше да се справиме на самото место.

Пет луѓе во едно возило, до душа комотно, „тојота ленд крузер“, ама сепак 2700 км во еден правец, четири држави, четири граници, осум гранични премини…

Визи, првата работа освен добра желба за планинарење, што морате да ја направите.

За грузиска виза се аплицира преку интернет на следниот линк: https://www.evisa.gov.ge/GeoVisa/. Се фотографирате на бела позадина (може и селфи со мобилен) и ја испраќате фотографијата во дигитална форма заедно со пополнетиот формулар, при што ќе треба да извршите уплата во банка од 20 евра претходно. Во рок од пет работни дена добивате известување дека ви е одобрена визата и треба да ја испечатите во боја и да ја покажете на грузиска граница (и на одење и на враќање).

Руска виза се вади во амбасадата во Скопје. Чини 50 американски долари, се плаќа на шалтер во Амбасада. Пожелно е (за посигурно и полесно добивање) вашето планинарско друштво да се обрати во писмена форма до Федерацијата на планинарски спортови на Македпнија со барање федерациојата да ви издаде меморандум упатен до Амбасадата на Руската Федерација, кој самите го носите во амбасадата кога ќе аплицирате. Пасошот се остава во руската амбасада додека трае процедурата, од прилика една недела.

Грција ја поминуваме како од шега, извонредни патишта сé до границата со Турција. Тука веќе се среќаваме со првите проблеми од типот чекање, а не знаеш зошто? Некои чудни редови, застој поради тесен граничен премин и сл. Ова чувство на нелагодност поради дисконтинуитет во возењето не следеше речиси по целиот пат низ Турција. Иако Турција ја поминавме ноќе, имавме чувство дека се возиме низ строг центар на град во најголем шпиц. Беше државен празник тој ден (таа ноќ), огромни колони, тргни застани, амбулантни возила, пренасочувања, гужви… Хаос во вистинската смисла на зборот. Стигнуваме некако до Истанбул. Оттаму, нешто порелаксирано, се разденува, патуваме по убав пат кој го следи морскиот брег по целата должина на Црно Море од јужната страна. Стигнуваме до Трабзон нашето прво ноќевање откако ја напуштивме Македонија. Бргу го најдовме нашето сместување, имавме направено резервација преку booking.com уште од Скопје. Квалитетот ни од далеку како што изгледа на сликите од понудата на веб страницата ама барем се избањавме и се наспавме како што треба. Сабајлето продолжуваме во правец на Грузија, малку скептични во однос на границата што нé чека и муабетите и претходните искуства на наши колеги планинари. И кога ќе се подготвите така за најлошото и нема да ви се видат нешто особено проблематични неколку часа чекање на граница кога ќе ви кажат дека паднал компјутерскиот систем. Ама затоа како да мислеле на вакви нервозни типчиња како нас, па ставиле на самиот граничен премин продавниче каде што можете да се освежите со саканиот пијалак и да заборавите на проблемите.

сузбивање на нервоза , од лево на десно: Пеки, Токи, Еки и Дики… Ни фали Ики… Она вози, мора да остане нервозна :)))

Малку се зачудивме кога ни кажаа дека треба да излеземе сите освен возачот и да ѝ се придружиме на една голема група луѓе кои се туркаа под немилосрдното турско-грузијско сонце (како во оние оградени боксови низ кои поминува стока пред да биде жигосана), за потоа да влеземе во објектот каде требаше да ја поминеме пасошката контрола. Бевме психички подготвени и на полоши работи па ова и не ни се виде нешто особено навредливо. Помина и тоа. За неколку часа повторно се најдовме во автомобилот, овој пат во Грузија на пат кон нашата прва дестинација, гратчето Степантсминда на околу 1700 метри надморска височина. Веќе беше прилично доцна во ноќта, околу 11 часот, чинам. Требаше да го најдеме нашето второ сместување на ова патешествие. Потпрени исклучиво на тоа што ни кажува гарминот, навлегуваме во селото Гергети, се движиме по тесен колски пат со високи ѕидови од двете страни преку кои се наѕираат стари трошни куќи… инаку резервација на booking.com повторно… Да ве поштедам од понатамошно опишување, верувам дека сте влегле во некое македонско (напуштено) село во кое има тук-таму уште некаде заборавено по некоја бабичка колку да се каже дека не е целосно напуштено. Како одиме понатаму нагоре по патот, сателитски наведувани, така патот станува се понепристапен. Среќа што бевме со теренско возило. Од црна темница излегоа некои ликови (старци) кои викаа по нас нешто… Не можевме да ги разбереме, не ни изгледаа многу добронамерни ама за среќа набргу се појави една помлада жена со мобилен телефон в рака, испадна дека е нашата газдарица. Нé насочи по сокачињата и како што возев напред завршив пред една жичена ограда од каде ѕиркаа еден пар очи. Тоа беше кравата на газдарицата. Како ни се заледи крвта од претходното 15 минутно искуство, така, пријатното гостопримство на домаќините направија многу брзо да заборавиме на сé претходно. Бевме воведени во една селска куќа (Tamila Guest House) ама ептен домаќинска, со гоблени и со миљенца. Бевме понудени со чај, и со топло добредојде. Набрзина се средивме, седнавме да јадеме, ни извадија домашно винце и супер беше. Колку малку му треба на човек да се чувствува удобно, би рекол.

Утрото станавме во културно време, не премногу рано, решивме комфорната зона да не ја напуштаме сé уште. Појадуваме, се пакуваме и се упатуваме со нашето возило во правец на црквата „Св. Троица“ (14 век), историско, култно место на 2170 мнв. Патот е никаков, само за со „џип“. Наполнивме вода на чешмата во близина на светилиштето, последна на патот до домот Бетлеми (3700 мнв.) оддалечен од тука на некои 9,5 километри, точно на половина пат до највисокиот врв во Грузија, Казбек висок 5047 метри. Покрај домот Бетлеми има поставено црево (импровизирана чешма) од која тече вода, која се пие без да морате претходно термички или хемиски да ја третирате. Вечерта со домаќините каде што преноќивме претходната вечер, поучени од искуството на претходните експедиции, договоривме транспорт за поголемиот дел од багажот, да ни биде пренесен со два коњи. Успеавме да се испазариме за 120 евра. Имавме поприлично опрема за носење, и лична (комплетна зимска гардероба за искачување петилјадарка) и техничка (60 метарско јаже, појаси, карабинери, дерези, цепини, глечерска опрема, макари (пули) за извлекување од глечерска пукнатина, помошни јажиња, прусици, гуртни примуси, садови, опрема и храна потребна за тридневен престој-две ноќевања). Тргнавме така, коњите пред нас, ние со релативно лесни помали ранци (предвидени за summit day) по нив, каскавме… Уживавме во погледот пред нас. Казбек со целата своја големина и убавина, осамен, единствен, снежен, се издига над зелените благи форми на околните ридови.

DSC_0028-kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna DSC_0041-1kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna DSC_0058-1024kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna DSC_0072-1024 kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna DSC00753-1024 kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

Казбек

Стигнуваме така, во една лабава прошетка до глечерот на околу 3200 мнв, кој оттука ја менува својата агрегатна состојба и во форма на река го продолжува својот пат кон долината Гергети. Реката без поголеми проблеми ја поминуваме без да се натопиме. Тука, на почетокот на вечниот мраз, коњите застанаа, немале дерези веројатно за понатаму по мразот, па моравме тешкиот товар да го распоредиме на нас, на грб, на гради, на секаде… Страшно беше наредните 500 висински метри, ама издржавме машки, дури и женските.

DSC_0028- kavkaz kazbek petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

Внимавајте  кога ќе се договарате со носачите, подоцна разбравме дека имало можност да одат до горе до домот. Стигнуваме до домот премалени. Се сместуваме во една соба не поширока од два и пол метри. Со импровизиран кревет на спрат. Двете девојки изразија желба да спијат горе, ние тројца се поредивме долу. Топло е, доволни се лесни летни вреќи (ќебиња нема). За кратко се јавија и првите симптоми на висинска болест, замор, немање апетит, главоболка, поспаност, отеченост… Поради новонастанатата ситуација се одлучивме дека попаметно ќе биде да не правиме аклиматизација (да не одиме да искачуваме неколку стотини метри) туку да се одмориме што повеќе и да собереме сила за искачувањето на врвот, кое беше во план во раните утрински часови. Информацијата дека ќе имаме стабилно време во текот на целиот нареден ден ни отвори доволно простор да се одлучиме да тргнеме најдоцна што може, дури во 3 часот утрото. Тргнавме последни, домот беше празен, последни на долгата опашка, ама далеку од тие пред нас. Тргнавме како што се договаравме, бавно… Го „програмиравме“ и го поставивме на чело на групата нашиот темпомат Дарко, кој не дозволи темпераментот на поединци да избега од контрола. Во почетокот по сипарот соло, на глечерот во задолжителна наврска, дисциплинирано, сé до крајот, до самиот врв, бидејќи теренот беше исклучително технички, со многу опасности, глечерски дупки, ризик од пропаѓање, дури и на места каде нема видливи показатели од потенцијална опасност, опасност од пролизгување по стрмниот замрзнат терен.

DSC_002338- kavkaz kazbek petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

Последните 100 метри се навистина ризични, доста стрмно и во нашиот случај многу замрзнато. Присуствувавме на еден немил настан, еден член од српската група пред нас, на враќање, се одлучува да се одврзе од наврската. По само неколку чекори соло движење се лизнува и почнува да паѓа, за среќа во правец на седлото каде што застанува без сериозни повреди, но видно исплашен. Да му се случеше тоа на неколку чекори пред или по местото на падот ќе завршеше трагично во провалиите од лево и од десно под врвот. Очигледно технички неспремна, остатокот од српската група беше безбедно спуштена од врвот со помош на јаже поставено од страна на еден руски водач на друга група. Ние во тој момент сé уште одевме во правец на врвот, би рекол доста смирено и рутинирано го поминавме критичниот момент. Сепак не биле залудни сите оние тренинзи и симулации на слични ситуации што ги правиме редовно во зимски услови на нашите планини (движење во наврска, симулација на падови во наврска, self arrest техника со цепин, самоизвлекување од глечерска пукнатина, извлекување повреден од глечерска пукнатина-st. Bernard…и други техники. За кратко нашата петчлена група се најде на врвот, на огромно задоволство на сите нас. Првата искачена петилјадарка.

20251021_ kavkaz kazbek petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

Времето беше пристојно како за таа височина, ни дозволи некои половина час да му се радуваме на успехот, да земеме душа и да собереме сила за успешно и безбедно завршување на акцијата-враќањето, кое мора да се признае, како по некое правило секогаш испаѓа многу потешко и покомплицирано од искачувањето. Спуштањето на критичниот дел одеше со помош на јаже со абзелување (импровизирано ама безбедно). Во ниеден момент не смеевме да се опуштиме, бидејќи нé чекаа ново отворени глечерски процепи, поради високата температура во попладневните часови. Тројца од нас на враќање го почувствуваа тоа како е да се пропадне во глечерски процеп, кој повеќе-кој помалку, за среќа не толку сериозно.

DSC00807- kavkaz kazbek petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna DSC00812- kavkaz kazbek petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna IMG_0432.m4v_snapshot_00.25_ kavkaz kazbek petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

Враќањето преку глечерот го изведовме повторно во наврска и безбедно се вративме во домот. Преспавме ноќта, се одморивме убаво и рано утрото тргнавме накај црквата „Св. Троица“ каде нé чекаше нашето возило, а потоа во правец на нашата следна дестинација, Елбрус.

IMG_0477 kavkaz kazbek petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

DSC00824 kavkaz kazbek petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

Технички податоци: 30 км./ 2900 м. Д+ (од Св. Троица до врв и назад).

Резиме на првата акција:

Кога повторно би одел на Казбек, во однос на погоре напишаното би го сменил следното: би зел помалку храна, нема потреба од дополнителни резерви, во домот служат јадење по нормални цени. И, секако би додал еден ден плус за аклиматизација, значи, пристигнување во домот, одмор, следен ден аклиматизација, искачување некои 500 висински метри, враќање во домот и следниот ден на полноќ тргнување на врв (гаранција за сто процентно успешно искачување).

Елбрус

Русија ни приреди „секавично“ добредојде. Невидено невреме. Испокршени дрва лево и десно од патот, што од ветар, што од громови изгорени… Како сцена од „Армагедон“. За да биде ефектот посилен, во еден момент заслепувачки блесок придружен од заглушувачка експлозија ни го одзеде здивот. И сé уште се убедуваме помеѓу себе, нé удри гром-не нé удри гром!? Па како што на почетокот се договоривме дилемите да ги решаваме со двотретинско мнозинство, така и овој пат бевме тројца наспроти еден и еден воздрзан, дека нé удри гром. Прогуглавме кога се вративме, ги освеживме одамна стекнатите и по малку заборавени знаења за некои закони и толкувања од физиката, фарадеев кафез и сл… Не е ни битно. На автопатот во Турција, пак, претходно (еве сега се сетив), имавме слична ситуација. Една откачена раткапна од автобусот кој во моментот го претркувавме за малку ќе ни го сменеше текот на целата оваа приказна. Како и да е, без влакно да ни фали продолжуваме непоколебливо во правец на Азау, нашата крајна дестинација, каде стигнуваме повторно во доцните вечерни часови. Сместувањето овој пат е навистина на ниво, да не кажам извонредно. Во хотел „Премиер Азау“, доцна вечерта кога стигнавме се средивме, вечеравме од нашата подвижна кујна и легнавме. Утрото нé чекаа новите активности, менувачница нема, кредитни картички не функционираат, можете да замените пари единствено на билетарниците во новата или во старата жичарница. Може да се плати хотел и билет за жичара со евра, можете и домовите да ги платите во евра, дури и пиво да пиете или да платите ратрак, ама не насекаде, сепак е пожелно нешто да промените. Жичарницата поаѓа од нешто повеќе од 2400 мнв. и ве носи речиси до 3800 мнв., каде имате неколку планинарски домови во кои можете да се сместите по претходно извршени резервации. Нашиот се викаше “Харт оф Елбрус”. Убаво сместување за таа височина. Тука отспавме една ноќ. тел: 8(928)914-58-68; 8(928)079-30-95. Следните две вечери имавме резервирано во „Пријут 11“, на 4060 мнв.

DSC00875 kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

Направивме аклиматизација до Паштукова Карпа на висина од 4700 мнв. Во домот има кујна со плински шпорет, кој може да се користи слободно. Вода и храна нема да се купи. Вода или топите, или полните од потоците што течат (ако е топло) па ја превривате,  или си носите со себе од Азау како што направивме ние. Уште од Скопје си купивме пластични канистри од 18 литри за секого по еден, ги наполнивме во Азау и ги пренесовме со жичарницата а потоа со моторна санка заедно со остатокот од опремата до домот за сума од 3000 рубли за двата дена. Тука се најдовме, вклопивме и сплотивме (по принципот менталитет, јазик, вера, географска ширина и должина, заедничка историја, која некој со сите свои сили се обидува веќе подолг период да ја избрише од нашите сеќавања…), со 20-тина планинари од бившите југословенски простори, членови на еден единствен планинарски клуб. Имаше припадници од сите поранешни републики освен од Македонија. Играта на случајот направи мозаикот да биде склопен онака како што треба.

yu-montaza-4-kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

Судбината веќе беше запишана, нам ни остана само да ја истрчаме. Многу е лесно кога имате чиста мисла, јасна идеја, решителност и самодоверба, професионален пристап, упорност, посветеност, спремност, и пред сé голема желба и љубов да направите нешто. Кога сите овие работи ќе ги стокмите на едно место, успехот едноставно ќе ви се случи. Дури и повеќе. Наместо предвидените две петилјадарки, ние искачивме три. Да не бидеме сфатени погрешно, ама не можеме а да не бидеме горди на постигнатиот успех, особено кога знаеме дека сме единствената експедиција од овие простори годинава, која со „102,5 отсто“ успешност ја оствари својата цел… Мислам дека сум скромен во проценката ама не смеам да му го одземам авторското право на Амди Бајрам околу процентите. За два дена Елбрус не натера два пати да се искачиме над 5000. Првиот обид да го искачиме врвот ни беше неуспешен. Единствено планината може да ви одреди кога ќе ви биде „summit day“. Фразата „се споија небо и земја“ едноставно не можете а да не ја употребите бидејќи единствено таа успева буквално да ја опише во два збора ситуацијата во која се најдовме. Во услови кога имате само неколку метри видливост и кога не знаете каде завршува снегот, а каде започнува небото, дури ни извонредно поставената зимска маркација не може да ви помогне. Имавме моменти кога не знаевме каде, па моравме да ја следиме претходно поставената патека во GPS-от. Дефинитивно Елбрус не беше расположен да нé види на врвот тој ден. Ни дозволи само до 5300 мнв., до седлото и ништо повеќе. Имаше очајнички обиди од страна на поединци да направат „херојско дело“, ама многу бргу сфатија дека ќе мораат, сакале тие или не, покорно да ја испочитуваат моќта на природата. Утешно беше што и останатите 300-400 (по моја слободна проценка) планинари, не го видоа врвот дента. Се вративме како пока…. ама не се откажавме иако тајмингот веќе не притискаше. Останавме уште еден ден затворени во домот. Надвор меќавата беснееше цела ноќ и цел ден до попладнето. Сепак со надеж, охрабрени од убавите вести што ни пристигнуваа од Македонија во врска со временската прогноза за наредниот ден, останавме дисциплинирано да чекаме на „временскиот прозор“, кој требаше да се отвори од полноќ до пладне, до околу 12 часот, кога повторно беше предвидено невреме со електрични празнења.

DSC_0154- kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna GOPR0264.m4v_snapshot_00.04_2017. kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna GOPR0280.m4v_snapshot_00.15_2017. kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna

Бевме навистина исцрпени од претходниот обид (од искачувањето на втората петилјадарка). Математиката кажуваше дека ако сакаме да излеземе на врвот и безбедно да се вратиме пред предвиденото невреме, требаше да тргнеме некаде во 21-22 часот. Сепак се одлучивме ризикот од неуспех да го сведеме на минимум, прежаливме по 50 евра од човек, за превоз со ратрак до Паштукова Карпа и на врвот се искачивме, што би рекла Еки „ГО ОСВОИВМЕ“, како што се освојува женско/машко срце, со многу взаемна љубов, во точно 06.45 часот. Среќни, пресреќни, најсреќни, иако со премрзнати екстремитети, еуфоричната атмосфера на самиот врв нé натера да заборавиме на сé и целосно и безрезервно да му се препуштиме во наредните можеби 45 минути. Останатите, испуштените моменти од приказната доживејте ги преку снимениот материјал кој ќе ви го понудиме.

GOPR0300.m4v_kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurnaDSC00918 kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurnaDSC_0262-kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna DSC_0280-kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna DSC_0357-1kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurna DSC_0395-kavkaz elbrus petar gerasimov psd makpetrol darko vulovic vak anapurnaDSC_0391 kavkaz elbrus

DSC_0108-1024x680

 

Технички податоци: 12.3 км/ 1600 м. Д+ (од Пријут 11 до врв и назад).

Резиме на втората акција:

Ништо не би променил, ова е вистинската и единствената формула за успех.

 

Петар Герасимов – Кавказ 2017 – ПСД Макпетрол линк до останати акции

 

 

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки