Почеток на уште една зимска сезона

Kружна тура Ливадичко езеро – врв Љуботен 2499 м.н.в., 26 октомври 2014

Некако се понадевав дека летото ќе потрае. Сепак газев по снег во месец мај и јуни. И тоа доста. Па редно беше да пешачиме по сончевите планински падини во ноември. Но тој план не се оствари. Првиот снег падна уште веднаш откако се стопи, оној летниот.

26 октомври. Иако времето до сега беше пристојно, неделата пред викендот почна да се влошува. И тоа драстично. Од лето стана зима. Почнаа дождови, а ние веќе испланиравме тура. Онака како за почеток една групна кон Ливадичко езеро. Во меѓувреме падна и снег. Очекувавме тенок слој, барем до 20тина сантиметри, иако кога се движевме кон Тетово, Шара беше целосно бела, а само до вчера беше опточена во сонце. Идејата беше многу едноставна. Да отидеме до езерото, преку Старо село и планинарскиот дом Љуботен. Една мала ентузијастична група евентуално да отидеме и до Љуботен, дали на одење или на враќање. Така и би.

ljuboten-livadicko-sneg

Тргнавме секако од Старо село, по патот нагоре се до домот. Мите прошиша покрај нас со неговата бордо Нива. Очигледно овој викенд ние сме единствените ентузијасти кој го посетуваат домот. Да не можеби се исплашиле од она малку снекче? Времето беше пристојно иако горните делови на планината беа во магла. Направивме кратка пауза во домот и тргнавме понатаму кон оној крстопат каде на избледнетиот лимен знак пишува: десно – врв Љуботен, лево – Ливадичко езеро. Уште веднаш над домот почна и снегот кој беше расфрлан насекаде. Како одевме нагоре покриваше се поголеми површини. Стигнавме и до крстопатот, каде секако го избравме левиот пат. Тука почна и маглата, а и снегот стануваше се посериозен. Ветерот уште повеќе. Се движевме под сртот кој оди кон Љуботен, па покрај Козја стена и почнавме да искачуваме. Се околу беше затворено, а ветерот сериозно не занесуваше. Снегот беше навистина длабок и густ. Беше тоа солиден, цврст и сув снег. Среќа, бидејќи да беше влажен ќе се натопевме и ќе беше уште потешко за пробивање.  Некаде пред скршнувањето кон сртот лево ни се отвори убав поглед и сино небо, но за кратко. На сртот веќе повторно се беше матно и бело, а невремето се пострашно. Во ова невреме едниот дел од групата која малку заостана почна да се враќа кон домот, а ние продолживме до над езерото, за кога стигнавме таму, видикот комплетно да ни се затвори. Тука некаде донесовме одлука дека ќе одиме понатаму. А тоа значи назад до под козја стена и од тука по стрмниот гребен кон Љуботен.

ljuboten-livadicko-oktomvri (5)

Повторно по своите стапки кој делумно беа и завеани. Tемпературата беше до -5ºC. Сега ветерот ни дуваше во лице, па беше уште пострашно. Погледот се откриваше и се сокриваше – наизменично. Ова веќе доби облик на првата сериозна зимска тура ова година. Од седлото мораше да се тргне нагоре. На Љуботен не му се гледаше крајот, беше вивнат некаде во облаците. А целиот тој пат до таму мораше да се изгази низ сериозно длабокиот снег и тоа на сериозен наклон, по гребенот. Тешко се пробивавме низ екстремниот ветер и низ длабокиот снег. Ова секако не личеше на искачување на Љуботен, туку на некоја експедиција на Алпите! Како мој омилен, барем на Љуботен оваа година бев 5-6 пати. Но, не, ова не личеше на него. Овој пат не се даваше. Си поигруваше со нас. Таман ќе се покаже врвот и… не тоа не е тој. Има уште толку нагоре кон облаците. Потоа повторно ќе се појавеше и… повторно ќе не измамеше. Така неколку пати додека убаво не не измори со своите одбранбени механизми. Пополека некако успеавме да се избуткаме со ветерот и да се искачиме. Тука се беше бело. Ние ги изгазивме првите стапки оваа зима. Дури и црвениот камен кој требаше да го означува врвот беше покриен. Малку го расчистив и застанавме да се сликаме. Ветерот не шибаше. Погледот беше се уште затворен.

ljuboten-livadicko-oktomvri (4)

Ја завршивме процедурата набрзина и тргнавме надолу. Надолу беше се јасно. Го пробиваме патот и надолу. Маглата се расчистуваше и веќе почна да се гледа домот и Полог како езеро – една од поспектакуларните глетки кога сте на Шара. Набрзо бевме во домот. Денот беше краток. Па надолу се симнуваме во ноќ. Иако денес изодевме доста, беше тоа една убава мирна прошетка по темната шумска патека за крај. Ноќта беше конечно мирна. Без ветар. Без снег. Иако доста брзо и неочекувано, беше тоа почеток на уште една зимска сезона.

Тони Димитров

           

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки