Ски-центарот Кожуф се наоѓа во јужниот дел од државата, во пограничниот регион помеѓу Македонија и Грција, сместен на надморска висина од 1.550-1600м и распослан на северните падини на планината Кожуф, во близината на неколку врва над 2.000 метри, од кои највисокиот Зелен Брег (2.171 м) и К-92 (2.102 м) се во рамките на ски-зоната. Кожуф изобилува со огромен воден потенцијал, од кој извираат многубројни реки, богат е со пејзажи, флора и фауна.

Ски-центарот е релативно нов, датира од 2006 година и се карактеризира со голема атрактивност, особено за љубителите на фрирајд-скијањето и на сноубордингот. На 210 км оддалеченост од Скопје и на 130 км од Солун, како нов и модерен центар е вистински магнет за авантуристите. Се карактеризира со многу снег и изминативе години многу се користи и е интересен како фрирајд-дестинација.

Центарот сѐ уште нема добро развиена инфраструктура од аспект на сместувачки капацитети и угостителски објекти. Засега располага со неколку помали објекти, вили и ресторани, па доколку сакате да преспиете повеќе денови, пожелно е навреме да си резервирате. Гевгелија е на 20 минути од центарот, па на располагање ви се сите благодeти на модерниот живот.