За REEL ROCK 11 или за големите успеси

Кино Фросина, 28 февруари 2017

Е па драги качувачи и качувачки, eдинаесеттото издание на качувачката филмска сага REEL ROCK е позади нас. Видовме уште пет големи успеси, пет градниозни искачувања, возбудливи патувања и неверојатни човечки приказни. Заедно со нив се смеевме, се плашевме или пуштивме по некоја солза. Сепак ова се филмови чија главна цел е можеби да ги претстават искачувањата, но околу целата приказна има и други аспекти кои се можеби позначајни од самите достигнувања, а кои можеби несвесно ги игнорираме. Па ова би бил вистинскиот момент за да резимираме каде сме ние во овој светски качувачки контекст, да ги изанализираме моралните поуки од филмовите и да согледаме што ние научивме од минатата година до сега, воедно и што ќе научиме од оваа до наредната.

Започнувајќи некаде кон почетокот на октомври и траејќи се до почетокот на наредната годината, качувачите од сите делови на светот имаат прилика да ги проследат најголемите достигнувања во светот на качувањето преточени во возбудливи документарни филмови. Оваа година за прв пат турнеата започнува на едно повисоко ниво во вид на фестивал (со работилници, презентации или качување со качувачките ѕвезди) низ американските градови, а потоа стандардно продолжи со премиерите насекаде низ светот. По низа перипетии и одложувања во очајни политичко-социјални услови, кога секој има попаметна работа и Македонија успеа да ја добие лиценцата за овој несекојдневен настан, па и ние (како и дел од регионот) да се вклучиме во светските текови барем преку големото платно. Преполната сала значеше дека и нашата качувачка сцена не е мала, а и дека и ние сакаме да бидеме дел од светските настани жедни за уште една доза возбуда. Локалната програма пак покажа дека имаме и со што да се пофалиме. Можеби малите финансии и незаинтересираноста за поддршка на искачувања или овој тип на настани се сѐ уште ниски, но доколку ентузијазмот е голем и тоа не е невозможно.

reel-rock-11-tour
Овие две искачувања не беа единствените македонски успешни искачувања, меѓутоа беа тоа најинтересните и оние кои на некој начин беа документирани. Искачувањето на Илина на Денали како дел од проектот „Седум врвови на седум контитенти“ не е за потценување, дотолку е позначајно што таа е пред самиот крај на негова реализација. Голем успех за македонското високогорство кое таа ентузијастички го реализира вклучувајќи ја во него и својата друга страст – скијањето. Истото може да се каже и за првата женска Хималајска експедиција, три девојки кои го искачија врвот Мера, експедиција која функционираше органски, сплотено, со фокус и цел за заеднички успех, единствените принципи нужни за реализација на секој голем проект, нешто што кај нас, при желбата за брз успех и егоцентрични побуди, за жал недостасува. Девојки вредни за пример.

И „Новите дечки“ Ашима и Каи се инспирација. Инспирација за сите нови генерации. Тие се најдобрите качувачи не само меѓу нивната генерација, туку најдобрите качувачи во светот во моментот. Нивните подвизи се екстремни, а тежините од V15, најтешката оцена која ја качила жена, се скоро недостижни, незаборавајќи дека Ашима има само 14 години (што ли ќе стане од неа кога ќе наполни 20?!?). Но прашањето кое треба тука да си го поставме не е како таа ја качила најтешката насока на светот, туку како стигнала до тоа ниво таа да ја качи најтешката насока во светот. Денес децата качуваат од своја најрана возраст и се во постојан контакт со насоките уште при нивното психофизичко формирање кога немаат страв од ништо и кога за нив сѐ е возможно, искористувајќи ги своите детски предиспозиции. Но и покрај големите успеси на други качувачи, Ашима е таа која со својот интуитивен стил и танц на карпата го постигнува овој успех. Сепак, она кое филмот го прикажува не е само просто искачување на најтешките насоки во Норвешка и Јапонија за време на летниот распуст, туку целиот „проект“ наречен Ашима и Каи. Безусловната посветеност на нивните родители на овој проект и целосната жртва која ја даваат со нивните кариери и животи е она кое овие деца ги вивнува во врвот на качувачката елита. Според ова, прекарот „Belay bitch“ кој мајката на Каи си го дава сама на себе совршено и прилега, а тоа може да се каже и за таткото на Ашима, кој исто така ја обезбедува, патува со неа и со целосна поддршка е посветен на следните нејзини проекти.

_dsc2846-reel-rock
Приказната пак за Мет Сегал и Вил Станхоуп не е приказна за двајца наивни смотковци кои само пијат на полицата, иако на прв поглед, во хумористичниот американски пристап, таа така е прикажана. Тоа е само „кечи“ моментот за приказната да стане поприфатлива и да ја улови публиката. Сепак тоа е приказна за истрајноста. Иако тие се прикажани како комплетни шарлатани, нивниот лабав, но долгорочен и истраен пристап, води кон сериозен резултат – искачување на најтешката пукнатина во светот. Со години го прават истото, одат на истото место и се обидуваат да го постигнат подвигот иако и самите можеби веќе губат надеж. Сепак продолжуваат и конечно и успеваат. Тоа значи дека со истрајност, силна верба и интензивна взаемна посветеност, ништо не е невозможно.

Тоа е пристапот и на Брет, чија качувачка приказна е прикажана во следниот филм. При нејзиното глобалното патување од гранитот во својот роден град Сквамиш, преку големиот ѕид на Ел Капитен во Јосемити, па се до нејзиното познато фри соло на шпицот Сент Егзипери во Патагонија, таа иако сосема сама, е целосно посветена и истрајна во својата мисија, во која конечно и успева. И Мајк Либеки е индивидуалист. Осамениот волк патувајќи најчесто сам, до најоддалечените делови на светот да пронајде неискачени ѕидови и да воспостави први искачувања, се бори со својот двоен идентитет: идендитетот на авантурист и идендитетот на татко. Иако на самиот почеток на таа своја функција – татко, се обидува да ја стави во втор план, на крај сепак успева тие два идентитети да ги поврзе во еден, а тој доби нов партнер за своите експедиции – својата ќерка. Емотивна приказна во која може да се пронајде секој авантурист, но и новопечен татко.

Кулминацијата на овој филмски серијал доаѓа со Dodo’s Delight, филм во кој смеата и возбудата го достигнува својот врв. Тука се придружуваме на Шон Виланова Одрискол, Бен Дито, браќата Нико и Оливер Фавресе, и секако нивниот 79 годишен капетан, почитуваниот Боб Шептон, екипа која патува низ Арктичкиот круг со цел да ги искуси големите неискачени стени. Покрај забавата, нивната тимска работа, опуштен пристап и целосна посветеност, ја прави астмосферата на бродот незаборавна, а успесите неминовни, правејќи го филмот олицетворение на авантурата.

4j5a9845-reel-rock
Сите овие приказни, се реални приказни, за постоечки ликови, со своите индивидуални судбини, постигнувајќи ги своите животни успеси и пишувајќи ги своите животни романи, а кои го прикажуваат начинот на кој тоа е постигнато на сосема лично ниво. Според тоа REEL ROCK филмовите и генерално настаните, не се само проста забава, не се дури ни само промоција на качувањето како такво, а качувањето не е само пополнување на слободното време за време на викендите, туку и нешто повеќе – едноставно, начин на живот.

Сепак доколку попрецизно го читаме потконтекстот на овие приказни, можеме многу да научиме и уште доколку ги примениме, можеме да напредуваме, не само индивидуално, туку и како сцена, која денес за жал, како и секоја друга сцена (да речеме културната или музичката) во оваа земја, е заглавена во нереалните поделби, личните егоистични конфликти и взаемно озборување. Доколку се посветиме на взаемниот напредок (сепак качувањето не е индивидуална активност), доколку се вложиме во меѓусебна поддршка како сцена и како земја воопшто (бидејќи ние не сме изолирани сами за себе), можеби конечно ќе доживееме некаков успех, со кои ќе стоиме достоинствено рамо до рамо до интернационалните.

Во исчекување на следните подвизи, а и дванаесетото издание на големиот качувачки празник, ви посакуваме многу искачени должини.

За Toni Dimitrov

Toni loves being outside. He is a passionate rock climber and mountaineer familiar with all peaks in Macedonia. An active organizer of hiking tours enjoyed by both foreigners and locals he is also a keen wind surfer and currently the secretary of the Macedonian Sailing Federation. He is one of the main organizers of the Reel Rock Tour in Skopje, Macedonia.His hobbies include – DJ-ing, producing music, hosting radio programmes, organising events, writing for magazines and generally having a very dynamic social life.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки