Западната Македонска Трансверзала 2022

Вести

ЗАПАДНА МАКЕДОНСКА ТРАНСВЕРЗАЛА или ПРВАТА МАКЕДОНСКА ТРАНСВЕРЗАЛА е планинарска патека која се протега од Љуботен до Охрид. По своите карактеристики тоа е најдолгата планинарска патека во Македонија, а веројатно е и една од најатрактивните во земјава.

Ги покануваме планинарите и планинарските друштва да земат учество во организираното поминување на Западната Македонска Трансверзала кое ќе се одржи во периодот од 24.06.2022 до 03.07.2022 година предводено од водичи од ДПС Трансверзалец – Скопје.

• На 24.06.2022 г во 16ч. планинарите се собираат на паркингот на Железничка Станица – Пошта во Скопје. Организиран е превоз од Железничка Станица- Пошта во Скопје до село Вратница.

• Стартот на Трансверзалата е наредниот ден на 25.06.2022 г. во 06,00 часот, од Планинарски дом „Љуботен“.

• Стартнината изнесува 50 Евра по учесник. Уплата на Стартнината може да се изврши на Жиро сметка 300000000307817 Комерцијална Банка АД Скопје . Во Стартнината е вклучено:
Водење на Трансверзалата, Дневник за Трансверзалата, Значка за Трансверзалата за учесниците кои успешно ќе ја завршат акцијата, транспорт до село Вратница и од село Црвена Вода до Охрид .
*Зависно од прогнозата на времето датумот на старт може да се помести ден или два од наведениот датум. Доколку дојде до промена сите пријавени ќе бидат навремено известени.

Основни Информации за Патеката:
Патеката е поставена 1975 година од група планинари од Планинарското друштво „Елема“ при Електро-Машинскиот факултет во Скопје. Во текот на неколку години патеката претрпе некои корекции и конечната варијанта е поставена во 1982/83 година, а нејзиното промовирање е во јули 1985г.

Трансверзалата поминува низ цела Западна Македонија, преку масивите на Шар Планина, Рудока, Враца, Бистра, Стогово, преку Караорман се до Охрид, во вкупна должина од 235 километри.

Карактеристика на првата половина од патеката покрај релативно големата надморска височина, најниската точка е на 2100 м.н.в., се и повеќе планински езера, кои на Шар Планина ги има 15, а непосредно се поминува покрај 5 од нив. Во овие предели често престојуваат и групи ботаничари, привлечен од растителниот свет кој успева само во овие предели.

Вториот дел од патеката ја карактеризираат шумските предели и брзи планински реки кои во каскади се спуштаат низ падините формирајќи безброј водопади. Веројатно најинтересни се селата низ кои се минува со стара македонска, мијачка архитектура специфична за овој дел на Балканот. Како круна на се е прекрасното Охридско езеро и градот Охрид, со своите многубројни цркви од Византискиот период, а и подоцна, со богато фрескосликарство. За овој град се врзани првиот универзитет и почетоците на Словенската писменост и култура во светот.

Сместувањето на последниот ден од Трансверзалата е во Извидничкиот камп населба Даљан во Охрид.
Оваа планинска Трансверзала е сплет на природните убавини и културно-историски знаменитости на Р. Македонија и овозможува несекојдневно планинарско искуство.

Карактеристики на патека и подготовка:
Носете храна за четири дена и комплетна бивак опрема. Патеката е близу 235 км, со просечна височина од 2200 м.н.в. во првите четири дена, заради тоа посебно водете сметка опремата која ја носите да е комплетна но не ПРЕТЕШКА.

Првите пет дена после планинарскиот дом Љуботен до Маврово нема можност за набавка на храна.
Вкупната висинска разлика која се поминува од почеток до крај на патеката е 6000 метри.
Се оди 7-9 часа дневно ефективно, со вклучени паузи околу 10 часа дневно.

Две недели пред тргнувањето задолжително да се пријават заинтересираните учесници за подетални упатства за потребни припреми и потребна опрема за поминување на патеката.

Пријавување најдоцна до 10.06.2022.
Контакт лице: Марио Шаревски +389 71 216 066
Пријавување на линкот.
e-mail: transverzalec@gmail.com.
Доколку имате прашања контактирајте не на телефонските броеви или пак на маил адресите.

Претходен написи
Летен јунски камп Хинтертукс Австрија
Следен напис
Сребрен медал за Васил на Балканско првенство во спортско качување