Екологисти и професори од 37 граѓански организации и повеќе факултети поднесоа барање до Владата да не го продолжува и еднострано да го раскине договорот за изградба на малата хидроцентрала „Рибничка 7“ во Националниот парк „Маврово“, склучен во 2015 година. Рокот за изградба на оваа хидроцентрала истекува на 7 Мај годинава, а според важечкиот договор, доколку не се испочитува, Владата има право еднострано да го раскине.
„Ова е одлична прилика за Владата да покаже дека зад изјавите дека сака да спречи изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја и бара начини како тоа да го стори стои вистинска намера“, велат екологистите од „Фронт 21/42“.
Тие укажуваат дека откажувањето на малите хидроцентрали во Националниот парк „Маврово“ е препорака која Бернската конвенција ја повторува од 2015 година, а во декември лани Конвенцијата прецизираше дека од Македонија се бара да ги суспендира и откаже сите одобрени концесии за мали хидроцентрали на територијата на паркот и да спроведе забрана за големи, средни и мали хидроцентрали во сите национални паркови, подрачјата на светско наследство и другите заштитени подрачја.
„Хидроцентралата „Рибничка 7“, освен што е во рамки на Националниот парк, исто така е во непосредна близина на новопрогласеното Светско природно наследство во нашата земја – Буковата шума во долината на Длабока Река, која со Одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 44 сесија во јули лани стана дел од досието „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“, посочуваат екологистите.
Тие нагласуваат дека спроведувањето на меѓународните ратификувани договори, како Бернската Конвенција, според Уставот е дел од внатрешниот правен поредок на државата, а законите ја посочуваат токму Владата, заедно со Претседателот, како одговорни за спроведување на ваквите договори.