Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир и Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Скопје присуствуваа на промоцијата на европскиот број за итни случаи 112.
На официјалното пуштање на бројот за итни случаи, преку видеопорака се обрати и потпретседателот на бордот на Европската асоцијација за броеви за итни случаи (ЕЕНА), Младен Вратоњиќ, а резултатите и достигнувањата постигнати при спроведувањето на проектот во ЦУК ги презентираше тим лидерот на ЕУ-проектот, Габор Фришман.
Со пуштањето на употреба на бројот, кој овозможува со телефонско јавување на само еден број, 112, во најкраток можен рок граѓаните да може да ги добијат услугите на полицијата, итната медицинска помош или на противпожарната бригада, од каде било во државата, симболично се одбележува Европскиот ден, одреден од ЕУ за промоција на соодветно користење на бројот за итни случаи Е-112, користен ширум Европа.
Премиерот Ковачевски во денешното обраќање, истакнувајќи ја важноста на системот Е-112, како вистинско олеснување за граѓаните, подвлече дека системот обезбедува вклучување на сите служби за итна помош и асистенција на полиција за спроведување ред и мир.
„Изградивме модерен и ефикасен модел за функционирање на Е-112 на јазиците со кои се користи населението во државата, во соседните држави како и најмалку на еден од светските јазици. Системот го стартуваме со осум оперативни центри во Скопје, Тетово, Куманово, Велес, Штип, Струмица, Охрид и Битола, и сите се опремени според утврдени директиви на ЕУ за оваа намена“, подвлече Ковачевски.
Тој истакна дека во центрите работат и оперативци обучени да примат повик и да воспостават комуникација и со лица со различни попречености, што е во согласност со врвниот принцип за поврзување меѓу луѓето на кои им е потребна итна помош со оперативните служби за пружање помош како највисок приоритет.