Единствениот европски број за итни повици 112 функционира на ниво на целата држава

Вести

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на прес-конференција информираше дека единствениот европски број за итни случаи 112 веќе функционира на ниво на цела држава и дека ЦУК започнува со кампања со цел информирање на граѓаните за работењето на линијата, преку која се координираат повиците до полиција, Брза помош и Противпожарната единица.

  • Од денеска започнуваме со кампања во соработка со Канцеларијата на ЕУ којашто ќе оди на две национални телевизии, една на македонски, една на албански, со која што граѓаните ќе бидат известени и запознаени со постоењето на овој број. Покрај на овие две национални телевизии кампањата ќе оди и на неколку радија, како и на неколку локални телевизии. Воедно оваа кампања за запознавање на граѓаните со постоењето на 112 ќе оди и на интернет и тоа на повеќе портали, на повеќе веб страни и на Фејсбук и на Јутјуб – граѓаните ќе можат да се запознаат со постоењто на 112 преку трите афирмативни спотови, наведе Ангелов.

Директорот на ЦУК образложи дека секторот 112 не е нова институција којашто решава проблеми на граѓаните или решава итни состојби туку е само сектор во ЦУК којшто ги координира повиците, односно ги прима, ги селектира и ги распределува понатаму до надлежните министерства или други институции.

  • Една од предностите на овој сектор, којшто ќе го градиме во движење, затоа што не е во совршена форма, е селекцијата на повиците. На тој начин ние на примарните институции им ја олеснуваме дел од работата. Вршиме селекција на повиците врз основ на приоритетот, односно повици на коишто треба итно да се одговори затоа што се животозагрозувачки и повици кадешто граѓанинот којшто има неопходна помош може малку да почека, бидејќи сепак капацитетите се ограничени и не може во исто време да се излезе во пресрет на повеќе засегнати граѓани, истакна Ангелов.

Тој потенцираше дека постоечките броеви 192, 193 и 194 и понатаму постојат и се отворени. Исто така повиците на 112 се снимаат и доколку при повикот некој се однесуваа несоодветно, навредува или слично за истото ќе биде пријавен во МВР.

Раководителот на првото одделение којшто раководи со сите приматели на позиви Тони Костов информираше дека за време на функционирањето на телефонскиот број 112 во изминатиот период во времетраење од еден месец досега се примени околу 27.000 повици или околу 950 повици на дневно ниво.

Во период од 11 февруари до 28 февруари кога телефонскиот број 112 функционираше само на територија на Скопје во просек беа примени околу 650 повици на дневно ниво, а со вклучување на целата територија на државата од 1 март досега обемот на повици се зголемил за два и пол пати, така што во изминативе 11 дена од месец март имало над 1550 повици на дневна основа.

  • Сите повици се примени, извршена е проценка и соодветно се насочени кон соодветните институции кои треба да интервенираат, додаде Костов.
Претходен написи
Жена ипо Илина Арсова доби награда„Европска жена на годината“
Следен напис
Руски планинари сè уште одат на Еверест