Зима на 8 000 – Искачување на највисоките планини во најстудената сезона

Вести

ЕХО – фестивалот на планински филм, оваа година има нова публикација: книгата „Зима на 8 000 – искачување на највисоките планини во најстудената сезона“ од авторката Бернадет Мекдоналд. Како што кажува самиот наслов, книгата ги опфаќа искачувањата на планините повисоки од 8 000 метри, во зимски услови, започнувајќи од првите успеси на полските алпинисти, па се’ до последните денешни, кога останува уште една планина да биде искачена во такви услови – К2.

Можеби не би очекувале качувањето на планините повисоки од 8 000 метри да биде популарна активност, но сепак статистиката покажува дека заклучно со 2019 година, во најсуровата сезона, во Хималаите и во Каракорум, биле организирани 178 експедиции.

Полскиот алпинист, Војтек Куртика, го именуваше овој начин на практикување на алпинизмот: „уметноста на страдањето“. Приказните почнуваат со оригиналните „ледени водини“ – Анджеј Завада и неговите полски тимови на хималајски алпинисти, кои систематски направиле први зимски искачувања на повеќе од половината планини повисоки од 8 000 метри.
Но, иако Полјаците доминираат во оваа зимска игра цела една генерација, целосната приказна е интернационална: швајцарската алпинистка Маријан Шапуисат станува прва жена која направила искачување на планина повисока од 8 000 метри, Американецот Кори Ричардс прави драматично искачување на Гашербрум 2, заедно со Италијанецот Симоне Моро и Казахстанецот Денис Урубко итн.

Наградуваната авторка, Бернадет Мекдоналд, патува интензивно по светот, за да направи интервјуа со што поголем број од алпинистите споменати во оваа книга, вклучувајќи ги помеѓу нив и Елизабет Револ, француската алпинистка која го направи првото зимско искачување на Нанга Парбат, заедно со полскиот алпинист Томек Мацкиевич, како и интервју со Ана Мацкиевич, сопругата на Томек, кратко по неговата смрт на планината и драматичното симнување и спасување на Елизабет… Личното познавање на повеќето силни алпинисти на Мекдоналд, како и нејзината умешност да навлезе во нивните емоции и семејните приказни и истории, ја прави оваа книга „Зима на 8 000“, интимно искуство, кое многу често недостасува во планинската литература.

– Бернадет Мекдоналд има вештина и искуство со кои го опфаќа најголемиот хималајски калеидоскоп, неговата епска историја, но задира и во индивидуалните човечки судбини. – ЕНДИ КИРКПАТРИК, НАГРАДУВАНИОТ АВТОР НА „ПСИХОВЕРТИКАЛНО“ И „СТУДЕНИ ВОЈНИ“

– Во „Зима на 8 000“, Бернадет Мекдоналд повторно ни го покажува својот клучен придонес во алпинистичката историја. Преку својата живописност и проникливиот увид, таа евоцира еден свет што малкумина лично го доживуваат: пејзажи од црн мраз, редок воздух и немилосрден студ, како и занесните душевни предели на луѓето заведени од изолацијата на највисоките врвови во најтемните месеци. – КЕЈТИ ИВС, ГЛАВНА УРЕДНИЧКА НА „АЛПИНИСТ“

– Читајќи ја одличната книга на Бернадет, ми надојдоа спомени од нашиот обид на jугозападната страна на Еверест, есента во 1972 година, кога нѐ совладаа ветрот и незамисливиот студ. К2 е единствениот врв од 8 000 метри сѐ уште неискачен зиме. Познат е како најтешката и најопасната планина во светот, а неговото прво зимско искачување и понатаму претставува огромен предизвик за сегашните и идните алпинисти. – СЕР КРИС БОНИНГТОН

– Ниту едни приказни не се толку застрашувачки, драматични и трогателни како битките во недоглед, честите трагедии и ретките успеси во зимскиот хималајски алпинизам. – СТИВ ХАУС, АЛПИНИСТ, АВТОР НА „ЗАД ПЛАНИНАТА“

– Мекдоналд блеснува пламено и интимно светло во душите на оние што се водат себеси до работ на човечки возможното. Вистинска алпинистичка класика. – ЏИМИ ЧИН, КОРЕЖИСЕР НА „СЛОБОДНО СОЛО“

Претходен написи
Каква алатка за обезбедување е во ранецот на Крис Шарма?
Следен напис
Ова не е Чернобил, ова е Ски центарoт „Кожуф“
Мени