Изградба на уште една шесткатна зграда во Маврово

Вести

Во Маврово се подготвува изградба на уште една шесткатна зграда, мавровци бараат поништување на планот
Непосредно пред локалните избори, во невообичаено експресна постапка, градоначалникот на општината Маврово Ростуше Медат Куртовски ја потпиша документацијата за изградба на уште една повеќекатница во село Маврово, на самиот пат во близина на училиштето. Месната заедница Маврово реагираше на ова, се работи за нелегална постапка, велат тие, и на градоначалникот му дадоа рок од седум дена да ја поништи планската документација.

За месната заедница Маврово се работи за незаконски донесена урбанистичка документација. Претставници на месната заедница велат дека градоначалникот најпрво експресно одобрил изгрaдба на наводно индивидуални објекти, а всушност се работи за три споени објекти со огромни димензии на ваков мал простор помеѓу новиот и стариот пат за село Маврово. Тие се сомневаат во целата постапка затоа што само за дваесетина дена е донесен Архитектонско-урбанистичкиот проект (АУП), приватизацијата на земјиштето е завршена за еден ден. Вообичаено за АУП се чека и до две години.

Рецептот за издавање дозволи на помали објекти кои потоа се поврзуваат во големи објекти веќе е применет во комплексот на Фортон до скијачкиот центар каде се изградија веќе 180 станови од „модерниот резиденцијален станбен комплекс“. Тогаш, во септември 2020 година мавровските урбанисти не убедуваат дека таму ќе се градат 33 викенд куќи со висина од најмногу 8,2 метри.

Previous Post
Одрони на патот Маврово – Жировница
Next Post
Владата да го раскине договорот за мала хидроцентрала во НП „Маврово“