Историјат на кулата на Титов врв

Вести

Секој кој се искачил на највисокиот врв на Шара Титов врв и неговите 2747 м.н.в. се сретнал со кулата на самиот врв. Сите ја забележале, влегле внатре да се засолнат од силните зимски ветрови, но можеби не ја знаат нејзината историја. Се работи за еден од ретките вакви објекти кои се поместени на таа висина, и тоа не само кај нас, туку и пошироко. И покрај сериозните проблеми, турбуленции, намерно уништување и долгогодишна запуштеност, денес таа кула е реновинара и може да се користи за заштита и преспивање. Во продолжение го пренесуваме текстот кој е објавен по повод нејзината изградба во 1956 година.

Изградена е кулата – светилник на Титов врв (Препис на објавениот текст во весникот Нова Македонија од 19.09.1956)

По двегодишната градба завршија градежните работи на големата кула над Титов врв на надморска височина 2747 метри,што се смета како најголем објект од ваков вид на Балканскиот полуостров. Иницијативата за подигање на овој објект потекна пред три години од Планинарскиот сојуз на Македонија. Проектот го изработи инжинерот архитект Коста Поповиќ, директор на Проектанско биро „Спорт-проект“ од Белград,а градбата му беше доверена на планинарското друштво Љуботен од Тетово.

Тешкотиите околу градбата на овој импозантен објект беа големи. Песокот се носеше дури од Вардар,а вода од далечина од еден час и половина од Кулата. Кулата во пречник е широка 6.50 метри висока 9.40 метри а дебелината на зидовите се движи од 1 до 0.70 метра. Покрај единствената железна врата на кулата се вдлабнати 17 мали прозори со железни капаци.
Внатрешниот дел е распределен на три соби обложени со тенки чамови даски од кои горната ќе служи за потребите на метеролошката служба, една за спална на двајцатата чувари-службеници на метеролошката служба,додека долната соба ќе биде за ноќевање на планинарите што ќе се качуваат на врвот. Основната намена на објектот,спрема замислата е да и служи за потребите на метеролошката служба од каде најдобро ќе се даваат податоци за различните бранови што ќе допираат од Јадранското и Егејското море. Над кулата ќе биде монтирана мала ветерњача што ќе производи електрична струја така што оваа кула ќе служи како огромен светилник. Емитувањето на извештаите на кулата ќе се вршат преку мала радиостаница.

Коментари и дополнувања добиени од Планинарскиот клуб „Љуботен“ – Тетово:

Како што се забележува од написот Иницијативата за изградната на Кулата била од тогашниот Планинарски сoјуз на Македонија, а изградбата доверена на Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово. Преку Планинарскиот клуб „Љуботен“ како правно лице била реалзирана комплетната финансиска контрукција со доделени буџетски средства и донации од тогашните фирми но и со сопствени средства од својот клубски буџет. Планинарскиот клуб “Љуботен“ за непосредна градба ја ангажирала градежната фирма “Бетон“ кои во две години со своите градежни мајстори- зидари, мајстори за шаловање, армирање и бетонирање, работници за транспортирање со маски и коњи и други потребни градежни работници успешно го реализирале проектот на крај на летото 1956 година.

Според писмената документација во Планинарскиот клуб “Љуботен“ фирмата “Бетон“ за Главен мајстор во изградбата на Кулата го задолжила Славе Кочевски-Бучко од Тетово додека лицето Исак Хамза од Шипковица бил задолжен за организацијата за транспортот на градежните материјали. Ангажираните работнци од “Бетон“ за време работата на Кулата престојувале во Планинарската куќа под Титов врв која била под управување на Планинарскиот клуб “Љуботен“. Сите градежни работници од фирмата “Бетон“ биле солидно платени со теренски додатоци и надомест за одвоен живот.

Според кажување на постари луѓе од с. Урвич за време градбата на Кулата имало и АПЕЛ за АНГАРИЈА (доброволна помош) до жителите од Шарпланинските села при што некои селани од Урвич,Јеловјане ,Ново село и можеби и други со своите коњи и маски учествувале по неколку дена во транспорт на материјалите за градба на Кулата. Кулата од метеролошката служба била користена околу 18 месеци, од летото 1956 година до крајот на 1957 година по кое била од метролозите напуштена и оставена целосно на Планинарскиот сојуз. Во 1969 година бил извршено првото палење при што изгореле сите дрвени структури во Кулата. Планинарскиот клуб „Љуботен истата година ,1969 година, извршиле комплетно реновирање. Во 1977 година било извршено второ палење со кое повторно изгореле сите дрвени структури во Кулата. Истата година од Планнарскиот клуб “Љуботен“ била ангажирана фирмата “Електро метал“ од Тетово кои монтирале метални греди на првиот кат и метални капаци на прозорите и нова метална врата. Во 1979 година било изршено трето палење и повторно Планинарскиот клуб “Љуботен“ извршиле одредено реновирање на изгорените делови. После ова Кулата е оставена за забот на времето при што настануваат сериозни оштетувања на зидната конструкција и кровот.

Од 2014 година по иниицијатива на новооформениот Планинарскиот клуб „Аргентус моунт“ од Тетово и со овластување на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија -ФПСМ се започна со реконструкција на зидната конструкција внатре и надвор. Со несебичен ангажман на планинарите од ПК“Аргентус моунт“ Тетово успешно беа пронајдени и добиени донации од различни материјали. Со донации од фирмите “Ир-Фа ролодер“ с. Порој и “Лес комерце“Тетово беа набавени 22 ПВЦ прозори. Со донација од фирмта “Металекс“ Тетово е набавена алуминиумска врата. Со донација од фирмата “Голец транс“ Желино се набавени 10 кубика речна песок. Со донација од фирмата “Арб комерц“ Тетово се набавени 1200 кг цименто. Со донација од Аџи Јусуф Еурли е набавено петоспратно метално монтажно скеле. Со донација од АД “Теал“ Тетово се набавени 14 водотпорни Шпер табли. Со традиционалната планинарска акција во мај месец 2015 гоодина во организација на ПК“Љуботен“ од планинарите на раце беа транспортирани околу 500 л техничка вода. Со донација од “Ескимо фрерриде“ и “Елем Македонија“ со ратрак беа транспортирани сите градежни материјали во зима од Попова шапка до подножје на Титовв врв до кота 2550 мнв.

Со 74 клубски планинарско работните акциите и со подршка и од многумина други планинари од земјата и странство успешно од кота 2550 мнв до Кулата на 2747 мнв беа транспортирани на раце градежните материјали со кои заклучно со 16.09.2018 година успешно беа санирани сите зидни оштетувања на надворешниот зид , саниран најголемите оштетувања на бетонскиот прстен во средината на Кулата, монтирани 22 прозори, 1 врата,очистени и фарбани металните греди на првиот кат и монтиран дрвен под со што Кулата беше доведена во безбедна состојба за престој и ноќевање. Со новите 27 планинарски работни акции во 2019 година ,а со финансиска подршка од ФПСМ се набавени 6 Челини греди и 13 Водоотпорни табли, за кои планинарите од ПК “Аргентус моунт“ со фирмата “Ескимо фрерриде“ организираа нивни транспорт со ратрак до кота 2550 мнв а потоа на раце ги пренесоа до Кулата по кое успешно ги монтираа и со тоа комплетно ја изградија и втората катна платформа. Исто така со овие акции во 2019 година успешно и комплетно е реконструиран и бетонскиот кров на Кулата со современи хидроизолациони материјали (донација од реномираната фирма АДИНГ Скопје ) со кои целосно е репариран оштетениот бетон и поставен водоодбоен премаз со што Кулата е целосно заштитена од прокиснување во внатрешноста. Во 2019 година е монтиран и кров на Оџакот за да се спречи навлегување вода при врнежи.

Со нови 8 клубски планинарско работни акции во 2020 година се транспортирани дрвени даски (донација на АД “Теал“ Тетово“ од кои се кроени и монтирани две дрвени трпезариски маси и две клупи и 12 пластични столови на првиот и вториот кат. Со донација на “Сава осигурање“ Скопје, е набавен ушете едне комплет метална маса и две метални клупи и истите транспортирани до Кулата. Со донација на планинарот Неџат Шаини се набавени и монтирани нови две соларни осветлувања за внатрешноста на Кулата. Монтирана е нова метелна дршка на вратата која никош нее заклучена односно е секогаш отворена.

Приземјето и првиот спрат се секогаш достапни за престој и ноќевање во било која доба и било кое годишно време. Со сегашнава состојба Кулата е доведене во достоинствен лик и безбедна за престој во неа.

Претходен написи
Алпинисти од САД и Хонг Конг поставија нови рекорди за искачување на Монт Еверест
Следен напис
„Без кислород и по лошо време, Лотце е недостижен“
Мени