Карпа тешка 20 тони можно е да падне врз браната Матка

Вести

Карпа голема од шест до осум метри кубни и тешка околу 20 тони се заканува да падне во близина на браната на Хидроелектраната Матка, предупреди денеска на прес конференција директорот на Центарот за управување на кризи, Стојанче Ангелов. Тој рече дека информацијата за нестабилната карпа на стотина метри над самиот ѕид на браната Матка ја добиле од ЕВН електрани, која стопанисува со хидроелектраната која што се наоѓа веднаш под браната Матка.

„Оваа карпа во ваква состојба е подолго време, можеби десетици години, но фотографиите кои што ги добивме од ЕВН електрани, може да се забележи одредена нестабилност на карпата. Ние како Центар за управување со кризи немаме соодветни информации ниту пак начин да ги провериме, поради што денеска испративме барање до повеќе релевантни субјекти од системот за управување на кризи кои што треба да излезат на лице место, но бидејќи станува збор за вертикала висока над стотина метри не секој може да дојде таму. Сепак, секако ќе се најдат методи со кои ќе се провери стабилноста на оваа голема карпа“, рече Ангелов.

„Има неколку потенцијални правци на движење, бидејќи самата карпа се наоѓа блиску до сртот и врз правецот на пад на оваа карпа може да влијаат повеќе фактори. Постои можност да биде предизвикана и лавина. Од други камења и карпи кои најверојатно би паднале во водата во близина на ѕидот на браната. Можеби оваа карпа ќе остане уште 100 години на ова место, но ние како сериозна институција која се грижи на прво место за безбедноста на граѓаните, должни сме да предупредиме и да ги известиме МВР, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Градежниот факултет – Скопје, Геолошкиот завод, Државниот инспекторат за животна средина, Дирекцијата за заштита и спасување, Градот Скопје и општина Сарај, како и планинарската и алпинистичката федерација, но и оние кои изнајмуваат чамци“, рече Ангелов, при што препорача предниот дел под карпата да не се користи за возење со чамците, а ЦУК ќе побара тој дел да биде и механички ограден“ – рече Ангелов.

Со оглед дека е на висина од околу 100 метри, се работи за голема кинетичка енергија кога оваа карпа би паднала кон браната. Од почетните информации кои што ЦУК ги има од ЕВН електрани, овие карпи не би ја загрозиле самата брана, односно самиот ѕид, но од ЦУК, сакаат дополнително да ги проверат ваквите податоци. Една од можните патеки на евентуалниот пад на карпата е до самиот испуст на браната низ која истекува вишокот вода.

Previous Post
Биљал Касами градоначалникот на Тетово најави нова гондола кон Попова Шапка
Next Post
Снежните бури во Грција и Турција направија хаос