Планинарскиот клуб ЗПЗП „КОЗЈАК 2013“ од Куманово започнува проект за едукација на младите од општините Куманово и Старо Нагоричане со организација на предавања по училиштата, дводневни кампови на планината Козјак и во околината на Куманово, уредување на постоечките планинарски патеки на планината Козјак и обележување на нови патеки со цел промоција на планинарењето, како и безбеден престој на планините.
Во првата фаза од проектот, со финансиска помош на Француската амбасада беше реализирана набавка на техничка планинарска опрема која ќе се користи на обуките. Додека со поддршка од ФПСМ, на сите основни и средни училишта со кои клубот потпиша меморандуми за соработка, ќе им биде донирана стручна литература за планинарење со цел истата преку училишните библиотеки им биде достапна на учениците.
По извршените подготовки, а согласно актуелните епидемиолошки мерки, ЗПЗП „КОЗЈАК 2013“ навремено ќе ги објави термините и местата за одржување на предавањата и камповите. Клубот е отворен за соработка со сите останати заинтересирани училишта, како и со фирмите кои сакаат на било кој начин да го поддржат овој проект.