Охридските спасители ги подготвија пожарникарите за спасување на планински терен

Вести

Членовите на Планинската спасителна служба (ПСС), при Црвен крст – Охрид во соработка со партнерите од Општина Грамш, организираа обука за спасување на нетехнички планински терен за потребите на противпожарната служба од Грамш, во рамките на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ, ИПА Програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Теренската обука, како што информира раководителот на ПСС Антонио Додевески, се одржала во близина на водопадот Сотира, под падините на планината Томорит, во Албанија. Целта, според него, е оспособување на пожарникарите од Грамш, за правилно користење на специјализираната опрема за спасување, како и за безбедно изведување на спасителни операции на нетехнички планински терен.

Со завршување на процесот на обука, новата специјализирана опрема и теренските возила, кои во рамки на проектот беа набавени за противпожарната служба од Грамш, значително се подобруваат капацитетите на оваа служба. Вака опремени и обучени, пожарникарите од Грамш, во иднина ќе може поуспешно да се справуваат со шумските пожари, кои се честа појава во оваа рурална општина, ќе можат да си укажат самопомош во случај на незгоди при нивните активности, но ќе можат ефикасно и безбедно да интервенираат во случај на повредени туристи, кои во се поголем број ги посетуваат планините во овој навистина живописен регион, истакна Додевски.

Со тоа, додаде, Oпштината Грамш, како партнер во проектот, воспоставува сериозна подлога за развој на авантуристичкиот туризам, за што навистина има голем природен потенцијал.

Ние уживавме во прекрасната природа и дружбата со пожарникарите, имавме можност да размениме многу корисни искуства од нашите секојдневија, но и да се увериме во кулинарските способности на локалните жители од планинските села, кои веќе се подготвени за пречек на туристите во претстојната сезона, рече Додевски.

Previous Post
Златни правила за планинари почетници
Next Post
Седми „Mavrovo Maximum Adventure 2022“ тим билдинг настан