Планинарска федерација не смеела да го дава под кирија домот на Водно

Вести

Федерацијата на планинарски спортови на Македонија го раскина договорот за закуп со актуелните раководители на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на Водно, планинарскиот клуб „Х2О“.

Оваа информација за „Фокус“ ја потврди и Живко Темелковски од ФПСМ, кој додаде дека тоа се случило по писмен допис од Државен правобранител на Македонија.

„Информацијата е точна. Причината за ваквата одлука е таа што (согласно дописот на Државното правобранителство) согласно член 36 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост за давање на недвижна ствар сопственост на Владата, под закуп одлучува Владата на Република Северна Македонија а не одлучува Федерацијата за планинарство на Северна Македонија“, ни изјави Темелковски.

Од Државен правобранител не информираа дека ФПСМ нема правен основ за давање на недвижна ствар под закуп.

„Федерација на планинарство на Северна Македонија има право на трајно користење без надомест на планинарски дом Даре Џамбаз согласно Одлука На Влада на РСМ бр.44-5370/1 од 18 септември 2018 година објавена во Службен Весник на на РМ бр.177/2018. Со допис од 15.09.2021 година од Федерација за планинарство на Северна Македонија доставено до ДП на РСМ на ден 16.09.2021 година се известува ДП на РСМ дека договорот за закуп ќе биде раскинат на првата седница на Претседателството на ФПСМ. Согласно закон за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост бр.78/2015 член 36 ст.3 За давањето на недвижни ствари во закуп одлучува Владата на Република Северна Македонија. Согласно горе наведениот Закон, Федерација на планинарство на Северна Македонија нема правен основ за давање на недвижна ствар под закуп“, соопштија од ДП.

Од Владата ни соопштија дека Федерацијата на планинарски спортови има право да управува со сите планинарски домови во земјава.

„На 89 седница одржана на 18.09.2018, Владата усвои одлука со која планинарските домови се даваат на трајно користење без надомест на Федерацијата на планинарски сојуз.
Одлуката на Владата е објавена на 21 септември 2018 година во Службен весник бр.177, стр.3. Освен ова Федерацијата има право да управува со планинарските домови и врз основа на член 18, став 1 и 2 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост“, ни соопштија од Влада.

Преземено од Fokus.mk

Previous Post
Планинарка од Скопје паднала од карпа при искачување на Кораб
Next Post
Нов филм на Нетфликс за Нирмал Пурја