Протест против неконтролираното сечење на шумата на Беласица

Вести

Во недела на 11 април 2021 во 12 часот, месната зедница и жителите на Колешино, со поддршка на градоначалникот на Општина Ново Село и жителите на околните села, кои се засегнати од истиот проблем, како и еколошките здруженија Еко Долина од Ново Село и Здрава Котлина од Струмица, ќе организираат протест-блокада на патот кој води кон Колешинскиот Водопад со цел да се алармира јавноста и надлежните државни органи за стопирање на БЕЗОБЗИРНАТА И НЕКОНТРОЛИРАНА СЕЧА НА ШУМАТА ВО БЕЛАСИЦА, од страна на Јавното Претпријатие НАЦИОНАЛНИ ШУМИ.

Во продолжение во целост го пренесуваме и образложението на иницијативата:

Веќе подолг период, жителите на подбеласичките села Старо Коњарево, Дражево, Смолари, Мокрино, Мокриево, Борисово, Колешино, како и жителите на селата на падините на Огражден-Ново Коњарево, Самоилово, Ново Село, Сушица, Штука, Иловица, заедно со еколошките здруженија Еко Долина и Здрава Котлина, речиси безуспешно се борат против оваа неприродно организирана стихија на неконтролирано, непланско и безобзирно сечење на шумата и тоа на места каде е најлесно достапна, а без да се обезбедат изворите на вода од кои се снабдуваат посочените села, како и пробивањето на шумски патишта, кои веќе почнаа да предизвикуваат свлечишта.

И покрај нашите апели до надлежните локални организации – директорот на подружницата на Национални Шуми во Струмица кај кого бевме трипати како еколошки организации заедно со жители на Мокрино и Смолари, исто и кај републичкиот инспектор за шумарство бевме 3 пати, покрај упатените писма до министреството и министерот за земјоделие и републичкиот инспекторат за шумарство, на кои не добивме одговор, не се постигна ништо. И покрај двата протеста во Старо Коњарево, кои резултираа со привремено стопирање на патот над селото, па дури и по посетата на заедничка делегација со претставник од Општина Ново Село, на Министерот за земјоделие, заменик директорот на Национални Шуми, каде ни ветија дека ќе ги решат проблемите, дека ќе дојдат за заеднички да ја утврдиме ситуацијата на лице место, сепак, проблемите уште повеќе се усложнуваат и мултиплицираат.

Јавно прашуваме ДАЛИ МИНИСТЕРОТ И ДИРЕКТОРОТ НА НАЦИОНАЛНИ ШУМИ, КАКО И РЕПУБЛИЧКИОТ ИНСПЕКТОРАТ, ИМААТ КОНТРОЛА НАД ЛОКАЛНИТЕ ПОДРУЖНИЦИ, ОДГОВОРНИ ЗА СЕЧАТА НА ШУМАТА, затоа што, при нашата посета на Министерот за земјоделие и заменикот на директорот на Национални Шуми, добивме впечаток дека и тие сакаат да ги решат посочените проблеми, па дури и му наредија на директорот на локалната подружница во Струмица. Но, бидејќи, дивеењето на оние кои добиле право да сечат, продолжува со несмален интензитет, загрижени сме за немањето контрола од страна на државните институции, кои не само што сечат без план, туку, притоа, дозволуваат со години да остануваат во шумата гранките од сечените дрва, кои ги блокираат патеките, претставуваат опасност за пожар и болести, затоа што како што ни рече министерот, тие треба да сечат 20-30 % од шумата, а на лице место оставаат само пустош, без ниту едно дрво.ГИ ПОВИКУВАМЕ СИТЕ СОВЕСНИ ГРАЃАНИ ДА НИ СЕ ПРИДРУЖАТ, ДА ГО СОПРЕМЕ УНИШТУВАЊЕТО НА НАШИТЕ ШУМИ, ТОЛКУ ПОТРЕБНИ НА НАШИТЕ БЕЛИ ДРОБОВИ, КОИ СЕ НАПАДНАТИ, МЕЃУДРУГОТО, И ОД МНОГУ АГРЕСИВЕН ВИРУС.

Претходен написи
Жените на врвот на заработка во Алпско скијање колку прокнижија од Светскиот Куп
Следен напис
Спасителната Служба Златоврв Прилеп: Кој ќе ги спасува планинските спасителни служби?
Мени