Пониква е мал туристички центар и викенд-населба во источна Македонија, 20 км северно од Кочани, на Осоговските Планини, чиј највисок врв е Руен (2.252 м).
Се наоѓа на надморска висина од 1.560 метри, во предел со густа букова шума и разновидна вегетација.Пониква зазема особено важно место во развојот на туризмот и во општиот развој на Осоговијата.
Ски центарот опфаќа три ски-лифта, викенд-куќи, терени за спорт и рекреација, хотели, одморалишта, угостителски објекти, сервис и услуги за скијачка опрема. На Пониква, покрај викенд-населбата и неколкуте мотели, има и детско одморалиште со капацитет од 220 легла. Природните убавини, еколошки чистиот амбиент и поволната клима се одлични предуслови за големата посетеност на туристите. Покрај Пониква, на Осоговијата има и други извонредни локации за изградба на патеки за скијање со поголема должина, како што се терените под Царев Врв (Султан Тепе – 2.076 m).