Со популизам не се гради изгорениот дом „Копанки“ на Пелистер

Вести

Општината Битола ќе одвоела 62.000 евра за обнова на „Копанки“, а за повторно да се изгради изгорниот дом потребни се најмалку половина милион евра

И по девет и пол години од големиот пожар, планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер, никако да се изгради.

Битолските партии и политичари, „Копанки“ го третираат како фетиш, па нема избори тој да не влезе во барабанот за привлекување на гласовите на битолчани. Па така, како политичко ветување и на последните локални избори, сега се чека чекор напред во неговата изградба од владеачката коалиција во Битола, на чело со ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“.

Она што е најсимптоматично во моментот е што никој од инволвираните не зборува за рокови, кога ќе биде обновен „Копанки“ и повторно пуштен во употреба.

Најновата вест е дека советничкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ и „Поинаку“ ја изгласаа одлуката за регулирање на меѓусебни права и обврски помеѓу Општина Битола и ПСК „Пелистер“ Битола, клубот кој стопанисува со домот. Па, сега градоначалникот Тони Коњановски ќе треба да го потпише договорот со што Општината ќе обезбеди 3,8 милиони денари (62.000 евра) за клубот, пари кои ќе треба да се искористат за обнова на „Копанки“.

Во договорот се предвидени привилегии за Општина Битола, односно ПСК „Пелистер“ да обезбеди 30 проценти од сместувачкиот капацитет на домот по писмено барање на Општината, без надомест, кои ќе се користат за одржување на семинари и културни настани. Договорот е на неопределено, па нема точни временски рамки кога домот би се обновил, колку вкупно ќе чини реконструкцијата, а не е приложен ни проектот.

Но, планинари од Битола, кои инсистираат на реални и конкретни чекори за обнова на домот велат дека парите што Општина Битола ќе ги дава на Клубот се во најмала рака смешни. Според нив, 62 илјади евра се доволни за да се купи двособен стан, а не да се изгради планинарски дом на површина од околу 600 м2

„Домот може да се изгради со тули и градежни материјали, а не со популизам. Знаеме дека тој објект се гради со неколку стотици илјади евра, и прашање е дали и тие ќе бидат доволни, а не со пари колку за двособен стан во новите градби. Да не се лажеме, не пиеме мастило“, велат планинари од Битола.

Овој проблем, на седница на Советот на Битола го образложи и Анастасија Трајковска, советник од опозицијата, архитект по професија, која обвинува дека во договорот недостига проектот по кој ќе се гради „Копанки“, и што е најважно рокот на изведба.

„Во овој договор недостига проектот по кој ќе се прави ‘Копанки’, премерот и пресметката на работите на изведба и рокот на изведба. За да знаеме за што конкретно ги даваме средствата и дали тие за брзо време ќе бидат валоризирани. Затоа што, ако ‘Копанки’ се изгради после 10 години од сега, оваа сума ќе се стопи и нема да има никаков ефект од дадените пари. Затоа мора да се знае рокот на изградба и сумата на чинење. За 600 м2 колку што е местото за изградба, според сегашните цени и локацијата каде се наоѓа домот не би можело да се направи без половина милион евра“, рече Трајковска.

Претседателот на планинарскиот клуб, Диме Попов вели дека имаат проект, но пресметките за изградба ќе се прават наново оти додека се влечкаа по судови се поскапи.

„Обновата секако ќе чини повеќе отколку што ќе не чинеше во 2018 година кога започнавме да обновуваме и кога ентузијазмот беше присутен со доброволните акции и донации од луѓе и фирми. Но, за жал голема штета се направи со суровото стопирање за обновата и сега пресметките наново ги преработуваме, секако од состојбата на градежните материјали и воопшто со кризата. На сите треба да ни биде поука дека, омразата, гневот, нагласеното его се многу штетни и ништо добро никогаш не носеле. Нашата цел е да се обнови и пушти во функција планинарскиот дом ‘Копанки’, кој започнал да се гради со одобрение од тогашната власт во 1936 година, а со доброволни акции и придонеси од граѓаните и еснафот на Битола и со тоа доби значење- ‘манастир’ на планинарството. Но, ќе останат во сеќавање изречените несреќни зборови и постапки. Предлогот кој го прифати оваа општинска администрација им беше предложен и на претходните две власти“, возвраќа Попов.

Координаторот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Бојкоски, возврати дека средствата што ги дава Општината ќе бидат заштитени, зашто домот во следните 20 години нема да може да се издава и става под хипотека. Тој рече дека не е предвидено понатаму Општината да го финансира клубот, туку средствата се наменети исклучиво за „Копанки“.

Домот изгоре во јануари 2013 година, а две години подоцна, беше легализиран во времето на градоначалникот Владимир Талески, како сопственост за ПСК „Пелистер“. По големиот пожар во кој домот изгоре до темел, тој влезе и во судските лавиринти.

По промената на локалната власт, и доаѓањето на СДСМ и Наташа Петровска на власт, Општина Битола побара од клубот да ѝ го отстапи планинарскиот дом „Копанки“, за да може да го обнови. Општината сметаше дека законски не можат да реновираат објект каде сопственик е друго правно лице. Советот на Општина Битола донесе и заклучок за изнаоѓање решение за санација на домот и се обврза да обезбеди 100.000 евра за таа цел. ПСК „Пелистер“ одби да ја предаде сопственоста на домот, одговарајќи дека според неговиот статут, не смеат да отуѓуваат имот и почнаа со градежни зафати за обнова. Се бетонираа столбови и потпорни ѕидови, но не го изградија. Од Општината следуваше решение со кое беше одземена сопственоста на планинарскиот дом „Копанки“ од клубот и пренесена на државата зашто сметаа дека легализацијата била спроведена незаконски, па дури поднесоа и кривична пријава против Талески. Дел од судските процеси сѐ уште траат.

Previous Post
Непал ќе го премести базниот камп на Еверест од глечерот што се топи
Next Post
СО КОНЦЕРТ И ТЕЛЕСКОП НА ГОЛЕМО ЕЗЕРО НА ПЕЛИСТЕР ВИКЕНДОВ ЌЕ СЕ ГЛЕДААТ ПЛАНЕТИТЕ