Тетовската секција на Дирекција за заштита и спасување на Шар Планина спасуваше повреден планинар

Вести

Екипа за спасување во планина при Дирекцијата за заштита и спасување – Тетово вчера имаше успешна акција за наоѓање и враќање на двајца планинари. Тетовската екипа била ангажирана за помош на двајцата планинари, бидејќи едниот од нив бил повреден.  Планинарите јавиле дека се движат на потегот од селото Вешале кон месноста Шилиџе, па назад кон селото.

  • По дојавата дека има повреден планинар, околу 14 часот од Тетово тргнавме кон Вешале. Информацијата беше дека двајцата планинари се наоѓаат на потегот помеѓу врвот Кобилица и Црн Врв кај карпата Шилиџе. За да стигнеме до таму ни беа потребни околу четири часа, вели раководителот на екипата Борис Стојановски.

Спасувачите ги пресретнале планинарите од карпата Шилиџе кон Вешале околу 20 часот. Дел од четиричлената тетовската екипа за спасување е и лекар кој по наоѓањето на двајцата планинари извршиле соодветна интервенција.

  • Планинарот имаше повреда на лигаментите на коленото или народски кажано го исчашил коленото. Двајцата направиле преврска, но кога ги најдовме нашиот лекар направи соодветна имобилизација со цел полесно да се движи за назад, објаснува Стојановски.

По санацијата на коленото сите се упатиле назад кон Вешале каде пристигнале три часа подоцна. Повредениот планинар е роден 1973 година, а другиот 1986 година.

Previous Post
Четири бронзени медали за македонските сноубордери на меѓународен натпревар
Next Post
Уште едно прво искачување во Патагонија наречено „Pain and Gain“