Унеско ја заштити долината на Длабока река на Кораб

Вести

Длабока Река под врвовите на Кораб во Македонија да се впише во листата на светско природно наследство, одлучи вчера комитетот за Светско наследство на УНЕСКО на 44-тата сесија која се одржува во кинескиот град Фуџоу.

Македонската локација е вклучена во проширеното транснационално подрачје „Букови прашуми во Карпатите и други региони на Европа“. Проширениот регион кој влегува во светското наследство сега се протега на 94 локации во 18 различни европски држави. Длабока Река во Македонија им се придружува на локации во Албанија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Франција, Германија, Италија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија и Украина кои добиваат заштита од УНЕСКО.

„Проширеното подрачје претставува извонреден пример на релативно недопрена, комплексна шума во умерената клима и е пример за широкиот спектар сеопфатни еколошки циклуси и процеси на чистите или мешаните европската бука низ различни услови во животната средина“, наведува УНЕСКО.

Длабока Река се наоѓа во територијата на Националниот парк „Маврово“. Таа е лева притока на Рибничка река, која пак е десна притока на Радика. Извира под високите врвови на Кораб, формирајќи стрмна долина која претставува единственото место со алпска клима во Македонија. На неа се наоѓа познатиот Корапски водопад, кој се јавува под врвот Мал Кораб во пролетните месеци со топењето на снегот.

Локалитетот поседува исклучителни природни вредности преставени преку голема биолошка и пределска разновидност. Една од основните карактеристики на овој локалитет е старата (девствена) букова шума (Fagus sylvatica) која се развива во долината на Длабока Река, со безмалку никаква човечка интервенција во последните 100 години. Локалитетот се одликува со голема биолошка разновидност, со присуство на бројни ендемични растителни и животински видови и се наоѓа во зоната за строга заштита на Националниот парк „Маврово“ и во неа се дозволени само научно-истражувачки активности.

Previous Post
„КОЗЈАК 2013“ започнува проект за едукација на младите од општините Куманово
Next Post
Кризна состојба наредните 30 дена