Шестмина загинати во лавина во француските Алпи

Вести

Најмалку шест лица ги загубиле животите во лавина на Алпите, објави во понеделникот францускиот телевизиски канал BFMTV, повикувајќи се на полициски извори.

Претходно во неделата беше известено за четворица загинати. Според телевизијата, телото на 39-годишен скијач спасувачите го пронашле во неделата доцна вечерта, а уште едно тело било пронајдено во понеделникот утрото.

Префектурата на департманот Горна Савоја соопшти дека лавината се спуштила во неделата на ледникот Армансет на Алпите. Истовремено, градоначалникот на општината Контамен-Монжуа, Франсоа Барбие, изјави дека временските услови во областа во текот на викендот биле поволни, како и дека метеоролошката служба Météo-France не предвидувала опасност од лавини во регионот.

Во операцијата за пребарување и спасување беа вклучени два хеликоптери, како и голем број спасувачи и опрема. Францускиот претседател Емануел Макро на Twitter упати сочувство до семејствата на жртвите.

На истиот глечер во уривање на снежни наноси во декември 2014 година загинале двајца браќа, млади но искусни планинари. Според градоначалникот на истото место во декември 2021 година се случила поголема лавина која „се спуштала опасно кон селото“, но за среќа немало жртви. Лавината во неделата е една од најсмртоносните кои се случиле во Франција во последните дваесет години.

Претходен написи
Ски регионите под снег ќе има ли скијање
Следен напис
Ужас во Словенија: Лавина затрупа седум луѓе, маглата го отежнува извлекувањето