Единствениот број за несреќи 112 ќе профункционира на 11 февруари идната година, кажа директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов. Овој проект кој почна да се работи уште во 2008 година, нема ниту годинава да се стави во функција, но како што кажа Ангелов се работи на тоа кон почетокот на наредната година да биде во функција и да стартува на 11.2.2022.
Лицата кои ќе работат во секторот 112 ќе бидат избрани според строги правила за да може соодветно да се одговори на секоја жртва и несреќа.
„Наметнавме доста строги правила. Сите лица кои ќе работат во секторот 112 треба да положат тест за интелигенција, тест за карактерни особини и за англиски јазик или друг странски јазик. Нормално, ќе има лица кои зборуваат албански, но и тие треба да го познаваат англискиот јазик“, кажа Ангелов.
Тој ги повика сите заинтересирани, вработени со средно образование и на неопределено време во државната администрација, кои го владеат добро англискиот или друг светски јазик, да аплицираат во Центарот за управување со кризи за работно место – приматели на повик во Секторот Е-112.
„Со измените на Законот за управување со кризи, по предлог на Владата, Собранието на РСМ изгласа зголемување на платата на идните примателите на повик за 35% , 30% за работната позиција и дополнителни 5% за користење на англискиот јазик при извршувањето на работните задачи, со што ќе се зголеми интересот за работа на овие позиции, а истовремено ќе се пријавуваат квалитетни кадри“, додаде Ангелов.
Ќе постојат осум центри и тоа главниот во Скопје, потоа во Тетово, Битола, Штип, Велес, Охрид, Струмица и подоцна во Куманово. Примателот на повикот треба да ја води жртвата и да одржува контакт додека стигнат екипите. Примателот на повикот веднаш информацијата за несреќата ја праќа до Полиција, Брза помош и Пожарна. Сите повици ќе бидат снимени за да се избегне неодговорно однесување.d