Диви орди повторно се намерачиле на кулата на Титов врв

Вести

Оштетувањата се забележани од планинари кои вчера биле до Титов Врв. Со оглед дека минатата недела на 11 декември планинар им доставил информации за состојбата на Кулата, прозорците најверојатно се оштетени во изминатите седум дена.

-Според информациите и фотографиите доставени од планинари кои во недела пристигнале на Титов Врв вратата била целосно блокирана и не можеле да влезат. Покрај ова забележале повеќе искршени стакла од прозорците на првиот и вториот кат и еден прозорец целосно откорнат. Скршени се стакла на првиот и вториот кат на јужната и источната страна. Целосно е откорнат прозорец на втор кат на источната страна. Причината за овие оштетувања не ги знаеме дали се неповолни временски услови или човечки фактор, информираат од ПК „Аргентус Монт“.

Од клубот случајот го пријавиле во Федерацијата на планинари. Од нив очекуваат да пуштат овластени планинари во содејство со претставници на надлежни органи да направат увид на самото место. Од клубот апелираат поединци да не сметаат на престој во кулата.

-Има начин да се утврди дали е намерно од човек или од природни непогоди. Поради ваквата состојба Кулата е апсолутно небезбедна за ноќни престои или ноќевања. Се известуваат планинарите да ги откажат ваквите планинарски акции кои предвидуваат и преноќувања во Кулата се додека не се санираат оштетувањата. Сега поради скршените и откорнати прозорци внатре има снег и мраз, велат од ПК „Аргенус Монт“.

Во февруари 2021 година несовесни поединци планинари ја оставиле отворена вратата од кулата на Титов Врв па поради тоа во внатрешноста беше навлезена поголема количина снег, па објектот до пролетта беше нефункционален. Исто така и минатата година имаше скршен прозорец на кулата.Со вакви постапки се девалвираат напорите на дел од членовите на „Аргентус Монт“ кои пет години наназад носејќи материјали на раце работат на обнова на Кулата. Во овој период тие ставија врата, прозорци, обнова на ѕидовите и внатрешноста, поставија инвентар и многу други работи со цел да биде безбедна и пријатна за престој дури и во најлоши временски услови.

Претходен написи
Кои центри ги посетуваат кралските куќи на Европа
Следен напис
Освоени први бодови на Светски куп во нордиско и сноуборд