Карлос Сорија: 81-годишник ги освојувај највисоките врвови на светот

Вести

Кога Карлос Сорија ја напушта својата куќа да тренира на планините пред Мадрид, носењето маска му ги враќа спомените за Хималаите. Овој 81-годишник очекува уште еднаш да го доживее реткиот воздух на Хималаите уште оваа пролет, кога планира да се искачи на планината Даулагири во Непал. Потоа, на есен, тој се надева дека ќе го качи врвот Шишапангма во Тибет. Ако успее со двата, тој ќе стане најстарата личност што успеала да ги качи 14-те највисоки врвови на светот – сите надминуваат 8.000 метри.

Карлос, роден во Авила, северо-западно од Мадрид, се искачувал низ целиот свој живот. Но, во изминатите две децении, неговите подвизи и планинарски рекорди поврзани со возраста го направија уникатен. Тој има искачено 11 од 14-те највисоки врвови во светот, откако наполни 60 години. Накратко стана најстарата личност на врвот на Монт Еверест на 62-годишна возраст. До 70-та година тој ги заврши искачувањата на највисоките врвови на сите седум континенти.

„Рекордот на кој сум горд е што никогаш не сум претрпел сериозни смрзнатини и никогаш не сум морал да бидам спасуван. Јас секогаш одев нагоре и се спуштав од секој врв на свои нозе“ – вели тој.

Се надеваше дека ќе ги заврши своите искачувања на 14-те највисоки врвови минатата година, но Ковид-19 ги спречи неговите планови. Кога ќе замине, тој вели дека ќе ги памети жртвите на пандемијата на двата врва.

„Сакам да им оддадам почит на луѓето на моја возраст ширум светот кои починаа од овој вирус – луѓето кои лошо поминуваат во домови за нега и кои се многу исплашени. Ќе земам малку цвеќиња и ќе ги оставам на врвот како почит кон сите луѓе кои починаа поради оваа ужасна ситуација“ – вели тој.

Сега напорно тренира во планинскиот венец Сиера де Гвадарама во близина на Мадрид. Тој исто така има импровизирана теретана во просторија на задниот дел од неговата куќа која содржи велосипед за вежбање, тегови, па дури и мал ѕид за качување што му овозможува да вежба со бајли.

„Никој во светот не сторил вакво нешто“, вели Сито Каркавила, геолог кој се искачил со Карлос. „Карлос не е старец на кого му здодеа кога се пензионираше, а потоа реши да започне да се искачува по планини. Тој е алпинист-ветеран кој е сè уште активен и нема друг спортист… од каков било тип, кој бил активен на највисоко ниво за шест децении“ – објаснува тој.

Карлос сега обезбедува финансии што му се потребни за пролетната и есенската експедиција и се надева дека нема да бидат нарушени дополнително од пандемијата. Пред две години, тој беше подложен на операција за замена на коленото, но алпинистот-ветеран инсистираше на тоа дека неговата физичка подготвеност не е проблем.

„Изгубив стабилност во нозете, малку сила, малку ментална острина. Но, кога сум бил на Хималаите, никогаш не сум се чувствувал како старец што ќе гледа дали може да се снајде. Постарите луѓе ја имаат онаа идеја дека е крај за нив. Има многу луѓе кои велат, добро, јас веќе имам 70 години, па што? Тоа е прекрасна возраст“ – додава тој.

Претходен написи
Во меѓувреме на Попова Шапка
Следен напис
Ски центар Копанки Пелистер амбиент