МЕГА ТРАНСФЕРЗАЛА, МЕГА ПРЕДИЗВИК, МЕГА ДОЖИВУВАЊЕ

Вести

Македонска Бесконечна Трансверзала ( кодно / уметничко име Sammiana ) е мега кружна трансферзала – непрекината пешачко планинарска патека која поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости.

Иако се уште во фаза на формирање, веќе е познато дека целата трансферзала е со должина од околу 2070km. За што поголемо уживање, трасата се стреми кон дивината, т.е. подалеку од цивилизација. Поминува преку или најчесто во подножјето на сите попознати и голем број помалку познати планински врвови, со што се има можност за кратко време преку дополнителните странични патеки да се искачат било кој од нив што дава дополнителен предизвик на самата патека.

Пешачењето и планинарењето станува се популарен начин на модерниот човек да избега од секојдневниот стрес и цивилизацијата и се поголем број на луѓе во иднина ќе го одбираат повеќедневното планинарење како дел од редовниот живот.

Додека во светот постојат повеќе т.н. долгометражни ( Long distance – Thru Hiking ) патеки, во Македонија и покрај одличните услови за жал немаме патека на која може да појдете и на подолго време да се оддалечите од цивилизацијата. Позната е само Западната (Прва ) Македонска трансверзала со должина од 170км и неколку помали кои се помалку познати. И иако некои од помалите се маркирани, за жал за овие трансферзали не постои прецизна мапа/ГПС запис со точни информации за извори на вода , погодни места за кампување, информации за околината и слично, така да се непримамливи за планинари кои веќе добро не ги познаваат овие патеки и околината.

Македонија ќе добие прекрасна долгометражна патека која со прецизни мапи и добро документирана во иднина ќе биде магнет за илјадници странски планинари и ќе биде бенефит за македонскиот туризам и економија. Со својата должина од над 2000км како и со својата убавина и разновидност на трасата , Македонската Бесконечна Трансверзала лесно ќе може да се носи со останатите познати долгометражни трансферзали кои носат дополнителен предизвик за целосно ( Thru-hiking ) поминување кое станува се попопуларно во hiking заедницата во светот.

– Патеката има една централна точка од каде што може да одберете да тргнете во четири насоки , а потоа по отприлика 40-50 дена повторно да се најдете на истата централна точка и да продолжите во друга насока или да продолжите по веќе поминат дел но во спротивна насока.  По два месеца веќе е сменето годишното време и може повторно да продолжите по веќе поминат дел од патеката за да добиете сосема ново искуство и доживување бидејќи истиот тој дел веќе има сосема друг лик. Имајќи во предвид дека може да одберете и веќе поминат дел но во спротивна насока, испаѓа дека може да пешачите со месеци, т.е. бесконечно и цело време да не се осетите дека одите по истата патека.

Кога ќе го додадеме и фактот дека  патеката на мапа  личи на математичкиот симбол за бесконечност ( infinity, endless ) , тогаш јасно е дека патеката со право можеме да ја викаме „бесконечна“.

Патеката е трасирана така да пружи вистинско уживање за љубителите на ваков тип спорт и рекреација. Со трасата максимално се избегнува одење по асфалтен пат, а колку се може се избегнуваат и колски земјени патишта и приватни имоти. Воедно се избегнуваат наклони поголеми од 15% па следствено и патеката многу често води цик-цак по серпентини наместо да оди право нагоре кон врвовите на планините, а се со цел да биде поприкладна за долго пешачење и планинарење со потребна опрема за ваков тип на патеки.

Целта е и да се формира многу прецизна траса и GPS записи кои воедно ги содржат сите потребни информации за патеката и блиската околина, како би можело патеката да се користи без потешкотии за повеќедневни тури или целосен повеќемесечен хајкинг.

Во оваа фаза фокусот е на завршување на источното крило, меѓутоа не значи дека неможе да се работи и на западното.  Додека западното крило се уште е во нацрт фаза и се уште не е заклучена финалната груба траса, источното крило е во поодмината фаза на изработка.

Фокусот е на источното крило бидејќи поседува многу поголеми делови каде „никогаш никој не поминал“ со намера на пешачење, има многу малку познати и обележани патеки, ГПС записи и воопшто информации за патеките во тие реони кои би можеле да се искористат како дел од една ваква трансверзала.

Сепак, напредокот кој е направен баш на овие делови влева надеж дека проектот може брзо да биде завршен во целост.

Претходен написи
Забелеа планините и во Србија
Следен напис
Предавање за техники на водење