Дивоградбата Маврово контолира ли некој нешто

Вести

Дивеењето и неконтролираната градба не престанува во Маврово. Месните заедници, жителите, сопствениците на викендици се обидуваат да апелираат до општината и Министерството за транспорт и врски, меѓутоа неконтролираната градба не престанува. Во моментов во тек е изградбата на дури 87 викенд куќи.

Кон крајот јули градоначалникот на општината Маврово Ростуше, Медат Куртовски одржал средба со граѓаните на неколку месни заедници на кои му било укажано за најновото дивеење на сопствениците на хотелот „Радика“.

На средбата присуствувале и одговорните за урбанизам во општината. Присутни на средбата сведочат дека и градоначалникот и одговорните службеници за урбанизам рекле дека за овие градежни активности нема дозвола за градба. Жителите на Леуново добиле ветување дека ќе биде интервенирано. На терен изградбата на овие објекти продолжува и во септември.

Она што е интересно е дека компанијата ЕСМ, како надлежна компанија за вештачкото Мавровско Езеро исто така има одговорност за давање согласност за градба околу езерото. Во случајов, била побарана таква согласност, но одговорот уште во јуни минатата година бил негативен. „Опфатот зафаќа во акумулација Маврово (под кота 1.233 м.н.в.) и излегува во заштитниот појас од 50 метри од максималната кота на акумулацијата, дефиниран во Законот за води како заштитен појас во кој не треба да се планираат и изведуваат градежни активности… Не може да се даде согласност за изработка на планираниот АУП во предложениете граници на опфат, туку треба во еден дел (под заштитен појас од 50 метри) да се корегира. Откако ќе се корегира опфатот на урбанистичкиот проект нека ни се достави повторно на увид“, пишува во одговорот на ЕСМ на барањето на „Пологпроект -про“ од Гостивар, фирмата која ги изготвила плановите.

Жителите на Леуново веќе подолго време се жалат на нередовно снабдување со вода. Хотелот „Радика“ има и неколку покриени и затворени базени и спа-центар, па сомневањата се дека една од причините за нередовното снабдување со вода е и хотелот.

Во март годинава инспекторатот за животна средина констатираше дека низ Маврово неколку хотели и угостителски објекти не поседуваат елаборат за заштита на животната средина и дека отпадните води директно ги испуштаат во Мавровското Езеро и реката Радика. Еден од тие хотели е и „Радика“, каде се градат нови 87 објекти.

Претходен написи
Заев ќе ја поврзува Попова Шапка со Брезовица
Следен напис
Младински планински камп “Љуботен 2021”