Скијачката легенда на кого му се восхитуваше Југославија, остана без покрив над глава

Вести

Славниот словенски скијач Бојан Крижај, на свои 64 години, се најде во големи финансиски проблеми, банкротирал и е принуден да ја продаде својата куќа за да ги подмири долговите кои достигнуваа дури 1,7 милиони евра.

Судот одлучи да ја продаде неговата куќа во градот Тржиќ во близина на границата со Австрија. Куќата има 711 квадратни метри, а се наоѓа на парцела од 19 илјади метри квадратни, на која има и базен, тениско игралиште и многу други атракции. Почетната откупна цена е еден милион евра. Крижај инаку својот дом го изнајмувал за 9.500 евра месечно.

Крижај е скијачот кој го освои слаломот во Венген во 1980 година, тоа беше прв пат во историјата некој од поранешна Југославија да го освои првото место во трката за Светскиот куп. Неговиот триумф предизвика тотална еуфорија на улиците во многу градови, а Крижај до крајот на својата богата 12-годишна кариера уште седум пати триумфираше на Светскиот куп, а во сезоната 1986/1987 освои и „слалом-глобус“.

Словенецот ја заврши својата кариера во 1988 година во Салбах, Австрија, а потоа започна свој бизнис. Увезуваше австриско пиво, а потоа работеше како советник за скијачките производи „Елан“, но без поголеми успеси.

Му пропадна и фабриката „Сортитус“ во Хрватска, а немаше среќа ни со земјоделскиот комплекс во близина на Копер. Лошите инвестиции на Крижај го чинеа, па сега ќе мора да се откаже од големо парче од својот капитал за да ги врати долговите и да преживее.

Претходен написи
Целодневни АТВ викенд авантури на Караџица
Следен напис
Алпинисти од САД и Хонг Конг поставија нови рекорди за искачување на Монт Еверест