Спасувачките екипи во Истанбул и Атина цел ден копале снег и мраз за да ги расчистат блокираните сообраќајници и да ги спасат луѓето кои преку ноќ останале заробени во своите автомобили по снежните бури.
Автопатите и улиците во Истанбул од вчера биле блокирани откако бурата пристигнала во овој град со 16 милиони жители кој се простира на европскиот и азискиот континент. Во некои области паднале повеќе од 80 центиметри снег, а бројни возачи кои не можеле да ги стартуваат своите возила останале заглавени преку ноќ во своите автомобили или се обидувале пешки дојдат до своите домови, железницата или метрото.
Денеска во текот на попладнето сите автопати и главни сообраќајници повторно биле отворени и проодни, потврдил министерот за сообраќај и инфраструктура Адил Караисмаилоглу на својот профил на Твитер. Властите денеска исто така успеале да ги исчистат и пистите на аеродромот во Истанбул и да овозможат ограничен воздушен сообраќај.
Во Атина спасувачките екипи извлекле околу 300 возачи заробени на автопатот кој го поврзува главниот град со атинскиот меѓународен аеродром. Голем број на возачи ги оставиле своите автомобили и го продолжиле патот пешки, а многумина се упатиле до најблиската железничка станица, прескокнувајќи снежни бариери. Војската била пратена преку ноќ да им достави храна и вода на оние кои биле заробени во своите возила и да помогне што поголем број на автомобили да се ослободат и да стартуваат. Грчките власти соопштиле дека секој возач кој бил заробен во автомобил ќе добие отштета од 2.000 евра.
Повеќе атински населби над 24 часа се без електрична енергија, улиците сè уште не се целосно исчистени, а околу 500 возила и понатаму се наоѓаат на автопатот што ги поврзува атинските предградија, каде што возачите ги оставија откако беа заглавени поради снегот. Процените се дека на конкретниот автопат биле заглавени околу 4 500 лица и 2 500 возила, а интервенираше и војската, која и рано утрово го чистеше снегот.
WINTRY WONDER: Stunning drone footage shows the temples and monuments of Athens’ Acropolis blanketed with snow. https://t.co/b0TIsCm7Bt pic.twitter.com/OdES4bDoed
— ABC News (@ABC) January 25, 2022