Советот на Битола додели сретства за обнова на Копанки

Вести

Советот одлучи да издвои два милиона денари (32.000 евра) од буџетот на Општина Битола за изградбата на планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер, кој изгоре пред осум години. Ова повторно ги разгоре препукувањата меѓу локалната власт и опозиција во општинскиот Совет. Поранешниот претседател на Советот, сега советник на опозиционата ЛДП, Валентин Груевски, се пошегува со слоганот на власта „Копанки за сите“ и рече да не дојде да биде Копанки за некои зашто објектот е во приватна сопственост на Планинарско-спортскиот клуб (ПСК) „Пелистер“, па Општината и ако помогне нема да може да влијае врз одлуките како во иднина ќе се управува со домот.

„Приватен имот Општина Битола никогаш не правела. Приказната дека се работи за здружение на граѓани кое не е приватно, не проаѓа. Здружението ако не денес, по две-три или десет години може тој дом да го продаде. И никој од нас нема да може да рече стоп. Копанки покрај планинарски дом ќе биде и комерцијален објект. Сите што се надеваме дека ќе одиме на Копнаки и ќе пиеме чај од 20 денари, да си ја заборавиме приказната. Ние како Општина на ниеден начин нема да можеме да ги регулираме цените. Приказната од типот Копанки за сите се сведува во приказна Копанки за некои“, рече Груевски.

По ова, предложи во програмата да се стави условот реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“ да почне веднаш штом стане општински имот. Или сумата од 2 милиони да порасне на 6 милиони, ама имотот да биде општински, а ПСК „Пелистер“ 30 години нека го стопанисува.

Му возврати советникот Иван Чулакоски од Поинаку, советничка група која пред изборите потпиша Меморандум за соработака со ПСК „Пелистер“ околу обнова на домот: „борбата за докажување наше е, ваше е, не̍ донесе до тука во цел град“.

„Начинот на кој ќе се регулира изградбата на Копанки ќе биде предвиден со еден договор на кој заеднички работат ПСК ‘Пелистер’ и Општина Битола, со која секоја инвестиција што Општина Битола законски е можна да ја направи и за приватен објект кој е од заеднички јавен интерес на битолчани. Не е така едноставна приказната како што ја ширите дека ПСК ‘Пелистер’ утре ќе можи да го продаде домот. Нема да е така едноставо и нема да бидат цените како што кажувате. На крај, ќе ја завршам приказната за Копанки со едно прашање лично до вас: за Германците сте вие претседателе или за партизаните?“, праша Чулакоски.

Груевски одговори: „За партизаните, ама за вистинските. Не за партизаните од интерес. Вистинските се бореа, а овие од интерес си го чекаа интересот“.

Кавгите околу обновата и сопственоста на „Копанки“ се водат веќе осум години откако изгоре објектот, а не се обнови.

Претходен написи
Несекојдневен амбиент од ноќно скијање Попова Шапка
Следен напис
Стоилко Стоицев по втор пат најуспешен спортист на Град Скопје