Со 98 % оштетување на видот, Стоилко Стоичев, урива рекорди, ги искачува светските планински врвови

Вести

Машински инженер по професија, но планинар во душа, тој досега искачил повеќе од 260 врвови со над 2000 метри

„Животот е еден. Наше е како ќе го живееме. Лесно е да кажеме, ние сме лица со хендикеп, па ќе се откажиме. Наспроти тоа треба да одиме напред“, вели Стоилко Стоичев, кој има 98 процентно оштетување на видот. Машински инженер по професија, но планинар во душа, тој досега искачил повеќе од 260 врвови со над 2000 метри.

За само седум часа Македонецот, Стоилко Стоичев, неодамна успеа да се искачи на највисоката точка во Африка, врвот Уххуру на планината Килиманџаро, кој е висок 5895 метри надморска височина. Ова е трет негов врв, по највисоките во Европа и Јужна Америка, Елбрус и Аконкагва, високи 5642 односно 6962 метри, на кои се качи во 2018, односно 2019-та.

„Секој врв си е засебен за себе. Аконкагва од овие три е најтежок. Скоро се наоѓа на 7000 метри надморска височина и кислородот на врвот е многу мал, околу 40%. Така што дишењето е многу отежнато. Килиманџаро го искачивме во т.н. аплски стил. Тоа значи одење само нагоре“, вели Стоилко Стоичев, планинар.

Со ова полека но сигурно тој ита кон остварување на неговиот сон, реализација на светскиот проект „Седум врвови на седум континенти“, со што би станал првиот Македонец со хендикеп и само вториот во светот, кој успеал да го направи ова. Неговиот подвиг има уште поголемо значење, бидејки тој е со 98% оштетување на видот, кој го изгубил на 21 година.

Се искачуваме во ноќни услови. Човек ќе се навикне и на одењето и на се
Стоичев, планинар

„На овие експедиции, секогаш одиме повеќе луѓе. Секогаш има еден човек пред мене и еден после мене. Се искачуваме во ноќни услови. Човек ќе се навикне и на одењето и на се“, вели Стоилко Стоичев, планинар.

Но, вели дека во ништо не гледа пречка, при тоа сакајќи невозможното за многумина, да го направи возможно. Се почнало во 2016 година, за кога вели дека е почеток на неговиот втор живот. Се што прави, засега, прави без ничија помош. Без поддршка од институциите нема да може да урива рекорди.

Само за Еверест и Вистон се потребни околу 100.000 евра. Тоа се многу пари за човек, сам да може да ги одвои – Стоичев, планинар

„Бидејќи овие четири преостанати врва се доста скапи. Само за Еверест и Вистон се потребни околу 100.000 евра. Тоа се многу пари за човек, сам да може да ги одвои“, вели Стоилко Стоичев, планинар.

Овој човек кој треба да биде инспирација за идните генерации со порака до сите – „Мојата порака е максимално да го искористиме животот. Утре не знаете што ќе ве очекува. Само главата нагоре, и само напред“, коментира Стоилко Стоичев.

Преземено од VOA

Претходен написи
Италијанските ски региони со ригорозни ограничуваа + велигденски локдаун
Следен напис
Планинарскиот клуб „Х2О“ во сабота ja презема работата со домот на Водно