Забраната за движење низ шуми на Јасен и на Водно сѐ уште важи поради двата активни пожари, од кои еден се провлекува веќе 15 дена и сѐ уште не може да се изгасне. Така ќе остане уште неколку дена, вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, откако на социјалните мрежи се појавија реакции зошто не може да има рекреација на Водно.
– Врнежите доколку се појават во следните денови постои можност за целосно укинување на оваа забрана, но се дотогаш мора да бидеме внимателни. Во практика се покажа дека зголемената свесност кај граѓаните е она што помогна да се намали бројот на пожари и координираното дејствување на нашите институции, рече Ангелов.
За планинарите, параглајдеристите и други луѓе што организирано се движат во природа рече дека може да побараат дозвола за движење во планините, односно во шумите од локалните подружници на ЈП „Национални шуми“ кои ги има во сите градови низ државата.