Белгискиот качувач Шон Вилануева О’Дрискол направи соло искачување на Фитс Рој Траверс. Ова е едно од најважните искачувања некогаш направени во Патагонија.
Белгиецот Шон Вилануева О’Дрискол направи врвно соло искачување на посакуваниот Фиц Рој Траверс, самостојно искачувајќи се на иконскиот хоризонт над Ел Чалтен во Патагонија. Впечатливата линија беше за прв пат завршена од Томи Калдвел и Алекс Хонолд на 12 – 16 февруари 2014 година, искачување опишано во Reel Rock документарниот серијал кое им го донесе златниот цепин и нуди над 5 км линија по сртот со околу 4000 метри техничко качување.
Иако прецизните детали во моментов се оскудни, според прелиминарните информации добиени од локалниот качувач Хорасио Гратон, се чини дека Вилануева се искачил на врвовите во обратен редослед во споредба со Американците; Aguja de l’S, Aguja Saint-Exúpery, Aguja Rafael Juárez, Aguja Poincenot, Aguja Kakito, Cerro Fitz Roy, Val de Bois, Aguja Mermoz, Aguja Guillaumet.
Додека 40-годишникот на шега го опиша својот зафат како „убав трекинг низ паркот!“, Експертот за Патагонија, Колин Хејли, го опиша ова достигнување во посоодветен контекст: „Нема сомнение дека ова е најимпресивното соло искачување некогаш направено во Патагонија, и не можам да не се прашам дали не е можеби најимпресивното искачување направено во Патагонија воопшто!“.
Качувачкото педигре на Шон Вилануева О’Дрискол е најдоброто, а го стекнал во последните 20 години, честопати заедно со колегата Белгиец Николас Фавресе, на многу технички искачувања на големи ѕидови од островот Бафин сè до Кина.