Владата на денешната 50-та седница го утврди текстот на Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Основна цел на ова законско решение е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија – Национален парк, заради обезбедување заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес, информираат од владината прес служба, по завршувањето на седницата.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека долгиот процес на консултации и остварени над 20 дополнителни консултативи состаноци и средби со засегнатите страни, експертскиот тим, со дополнителен ангажман на експерти од Меѓународната унија за конзервација на природата (IUCN), кои ќе работат на Планот за управување на идното заштитено подрачје Шар Планина, ангажирани од Канцеларијата на Обединети Нации за животна средина во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање за преиспитаување и вградување на забелешките на јавноста во однос на предложената заштита на Шар Планина, резултираше со ревизија на Студијата за валоризација врз основа на што МЖСПП го изработи новиот Предлог на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.