Маврово една од главните туристички дестинации во општински и урбанистички хаос

Вести
Мавровчани неодамна го кренаа гласот, најавија бојкот на локалните избори и барање за враќање на општината

Маврово е една од водечките туристички дестинации. Точка која многумина сакаат да ја посетат, но и место каде се вкрстуваат многу желби и интереси. Сето тоа создава бројни проблеми кои не одат никому во прилог, а може да создаде трајни последици кои нема да бидат покриени со следниот снег.

Беззаконие кое не може да се трпи. Мора да ја вратиме општина Маврово и да преземеме мерки против урбанистичкиот хаос, непочитувањето на стандардите, загадувањето на езерото, исчезнувањето на рибата од Мавровското Езеро, нефункционирањето на комуналните служби, неконтролираната сеча на шумите, велат жителите на мавровските села Маврово, Леуново, Никифорово и населбата Маврови Анови.

Последното што ја прели чашата е најава за изградба на џамија пред влезот во Маврови Анови, на парцела каде што одамна е истечена дозволата за градба. Тоа не смее да се дозволи, во еден глас рекоа мавровчани на неодамнешниот собир во просториите на некогашната општина Маврово и тука беше за првпат најавен можниот бојкот на локалните избори.

Во Општината Маврово-Ростуше одамна работите не функционираат како што треба. Годинава ретко кога се чистеше ѓубрето околу езерото, а сопствениците на викендиците сами собираа средства за ангажирање на работници и камиони за празнење на кантите за ѓубре и покрај брегот на езерото. Сѐ почесто снемува вода и струја низ населбите.

Населението одамна предупредуваат дека голем дел од хотелите и угостителските објекти околу езерото отпадните води ги испуштаат директно во езерото. Ретко кој хотел тука има пречистителна станица. А и тие што имаат се стари и не им функционираат.

И конечно пред еден месец Инспекторатот за животна средина и официјално го регистрира тоа на што јавноста укажуваше цела година и потврди дека хотелите Радика, Бистра, Спорт, Лоџ, Алпина, исто помали погони, како на пример ЕуроЕдил, Новитет и Техно Блок, сите лоцирани во село Скудриње, немаат пречистителни станици или елаборати за заштита на животната средина. До крајот на март инспекторатот,требаше да изврши надзор врз сите правни субјекти и дека ќе се преземат мерки за корекција на неправилностите.

Дел од жителите на Никифорово се на суд со националниот парк Маврово за неконтролирана сеча на нивната, приватна шума. Ај што неконтролирано вршат сеча на шума на државно земјиште, тоа го прават и по приватните шуми, велат тие.

Во Општината Маврово-Ростуше се чини дека функционира само издавањето на дозволи за градба. Како никогаш досега во Маврово се гради и покрај сериозните проблеми со инфраструктурата. Од општината признаваат дека не секогаш се почитува стандардот за забрана за градба во заштитниот појас во Националниот парк и дека не секогаш се почитува одредбата од Законот за води за забрана за градба од 50 метри од максималната кота на Мавровското Езеро. Но, за тоа секогаш има некакво објаснување со поинакви толкувања и решенија од Министерството за транспорт и врски, од Министерството за животна средина и просторно планирање и од ЕСМ, државната компанија која стопанисува со езерото.

За сите овие проблеми, велат жителите од месните заедници од селата Леуново, Никифорово, Маврово и населбата Маврови Анови, веќе е информиран и државниот врв и очекуваат соодветна реакција од нив. Во спротивно најавуваат дека на денот на локалните избори ќе се организираат и ќе ги блокираат сите патишта на службениците кои ден пред тоа ќе го носат гласачкиот материјал во оваа општина. А веќе се работи и на моделите за тоа како Маврово пак да стане општина во границите како и претходно.

користен извор: mkd.mk

Претходен написи
Ранци за турно скијање селекција 2021
Следен напис
ТАВ НАЈАВИ: РЕДОВНА АВИОЛИНИЈА СКОПЈЕ – МОСКВА