Од неодмана ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје, одружница Молика Битола, започна активностите за реализација на планот за следната зимска туристичка сезона во рамки на ски центарот Копанки на Пелистер. Сите зафати кои се планирани да се реализираат се во функција на исполнување на очекувањата на љубителите на зимските спортови, планинарството и планинскиот туризам, како и останатите кои гравитираат околу Пелистер.
На локалитетот ,,Бегова Чешма„ односно почетната станица од жичарата во тек се градежни активности за поставување платформа на сончевата страна од скијалиштето, како простор за поставување на урбана опрема и организирана понуда на храна, пијалоци во текот на целиот активен период во зимската и летната сезона. Платформата ќе биде одлично место за релаксиран престој на посетителите со поглед кон стазата, на која се планирани и организирани настани и манифестации во текот на цела година.
Во текот на летото и есента паралено со функционирањето на центарот ќе се работи на комплетно осветлување на стазите и нивно оспособување и за ноќно скијање, поставување на оптички кабел кој понатаму ќе овозможи дополнителна дигитализација на центарот и можност за управување со други технички содржини, контрола на системи за вештачко заснежување, системи за наплата, електронска евиденција на пристап на скијачи преку дигитални ски карти и слично. Дополнително ќе се ремонтираат лифтовите, замена со нови влечни сидра, детски ски лифт со подвижна трака , интервенции на постоечките ски патеки за нивно нивелирање, рамнење и соодветен систем за дренажа, реновирање на јавните тоалети.
Имајте во предвид дека секој викенд во рамките на центарот функционира МТБ даунхил паркот, а жичарата е со работно време од 10 до 14 часот