Интервју: Ивана Јовановска – Everesting Challenge на Водно

Вести

Ивана Јовановска и Јован Димовски во септември оваа година успешно го реализираа предизвикот Everesting Challenge на Водно, за кој потрошија 22 часа и искачија 9.600 м.н.в. и поминаа 42 км. Тие својот предизвик го започнаа во 21 часот, а го завршија во 18:30 минути наредниот ден. Дополнителен предизвик за Ивана беше што целиот пат го изоде боса со што упати порака на граѓаните да се грижат за своето здравје. Инаку Еверестинг е неформален формат на спортска активност – најчесто велосипедизам, трчање или пешачење, каде предизвикот е да се направи вкупно искачување од над 8848 висински метри, односно височината на Еверест, во еден единствен обид. За искачувањето или било која активност има посебни правила по кој спортистот треба да се води. Потоа се пријавува на светско ниво во асоцијацијата, за потоа од самата актвност да се извади статистика, која се споделува.

Во врска со своите активности и овој подвиг, разговаравме со Ивана.

Разговара: Тони Димитров

  • Од каде идејата за еден ваков предизвик и зошто баш Водно?

Идејата дојде сосем спонтано, Водно е мојот втор дом и многу време поминувам во неговите одаи. Трчам, возам велосипед, планинарам со ќерка ми и кога го правам тоа со неа, настојувам да чекорам боса, а и други денови кога имам прилика, поради огромниот бенефит кој го добивам од тоа. Придобивките за здравјето се огромни, но забележав дека народот не е свесен и е многу малку информиран во врска со заземјувањето, па почувствував потреба некако да пренесам порака.  Цветкова патека е идеална за Еверестинг, а баш по истата патека многу често качував боса, најмногу летниот период кога сакав да ги одморам стапалата од трчање цел ден низ Водно на тренинг, обично долга километража за викенд. На пример ќе истрчав 5-10 км, соблекував патики, качував по Цветкова боса, горе се облекував и продолжував со трчање уште 10-15 км. Понекогаш и го повторував тоа неколку пати во денот. Чувството е исто како воопшто да не си трчал претходно, заморот исчезнува за неколку минути и тоа ми беше многу чудно, но ослободувачки и продолжив да го правам тоа секогаш кога можам. Цветкова патека е идеална за Еверестинг бидејќи е кратка, а е најстрмна и воедно слојот за газење бос не е лош, секако има делови со карпи и камења каде мораш да внимаваш, но тренингот си го прави своето, па тоа не претставува никаков проблем. Неколку личности кои се занимаваат со истата пасија, планинско трчање, направија исто така Еверестинг по истата патека, па оттаму и идејата јас да го сторам тоа, но на поинаков начин,  без патики.  Морам да напоменам дека во прво време започнав да одам боса поради проблем кој го имав со петата, кој ми се појави од преголеми напори (веројатно) и се разви до степен да не можам да одам, а не пак да трчам. Одев на некои терапии, но не ми помогнаа целосно да го решам проблемот, се додека мој драг пријател, претседателот на клубот во кој членувам I Love Hiking Macedonia, ми прати линк од документарен филм во порака да го изгледам и ме замоли да го сториме тоа заедно, сигурен дека ќе ми помогне. Филмот се вика The Earthing Movie, препорачувам на сите да го погледнат. Бев фасцинирана од истиот и веднаш му се јавив другиот ден да го сториме тоа. Знаев дека чудно ќе ме гледаат сите наоколу, но не ми беше важно. Сакав само да почнам повторно да трчам. Појдовме на кеј и потрчавме со споро темпо, по земјата и тревата. Наредниот ден имав воспаление на листовите но многу посилно се чувствував, воедно и посреќно, помоќно некако, не можам да објаснам. Толку ми требаше, на тоа чувство се навлеков набрзина и понатаму продолжив да го правам тоа на Водно, а и на секоја планина или полјана каде одев. Проблемот со петата после одреден период се реши и бев зачудена од исходот. Но и сите мускули, лигаменти, зглобови ми се ојакнаа, тоа е уште појако. A и посреќна сум, поисполнета духовно, поспокојна. Треба сите да го прават тоа.

  • Со кои дополнителни предизвици (ментални и физички) се соочуваше во текот на искачувањето?

Во текот на искачувањето немав апсолутно никакви ментални предизвици, едноставно  знаев дека ќе го завршам тоа, подготвена бев, цела година се спремав за тоа. Дополнително атмосферата беше прекрасна, поддршка имавме од сите страни, дојдоа многу личности да ни посакаат среќа, да не бодрат, имаше исто така многу луѓе кои качуваа со нас постојано, не бевме сами во ниту еден момент. Целиот евент беше организиран од мојот клуб I Love Hiking Macedonia. Ние сме едно големо семејство, скоро сите беа присутни и помагаа, што ми беше дополнителен мотив. Процесот помина низ смеа, позитивна енергија, шеги, сите бевме среќни. Не почувствував замор во ниту еден миг, на крајот сакав уште да качуваме, имав уште сила и енергија. Па наместо 20 пати, со предвивдените 8848 мнв, качивме 21 пат, да бидеме сигурни во пресметката и вкупно тоа изнесуваше 9609 мнв. Но наместо да качуваме уште, сепак решивме да јадеме пица, заслужено.

Додека пак физички, при крајот почнаа да се јавуваат мали болки на стапалата, но во граници на издржливост, немав ниту рани ниту повреди, како што претпоставуваа многумина па ме тераа да кревам стапала за да се осигураат дека се здрави и сосема нормални. Сè помина во најдобар ред.

  • Зошто боса? Која е целта на овој отежнувачки аспект од подвигот?

Сакав да упатам апел до нашето општество дека имаат заборавено кои се основните елементи за живот. Земјата е еден од нив. Конекцијата со мајка Природа е од суштинско значење за секое човечко битие, треба да ја искуси и практикува секој, да впива од нејзините убавини, колку што е можно повеќе. Живееме во стресно и брзо време, посветуваме премногу време на работата, технологијата, опкружени сме со милион згради, бетон, изложени сме на зрачења од секакви видови, дишеме загаден воздух, јадеме нездрава хрна, слушаме лоша музика, изолирани сме од убавините, зависни сме од чевлите, од патиките, штиклите, робуваме на брендовите, на материјалното. Но во едноставноста лежи рецептот за долг и хармоничен живот. Најубавите нешта во животот се всушност бесплатни. Баланс мора да се има на секое поле, со цел да постигнеме бистар ум и мирен сон. За жал, далеку сме од тоа, наместо да вложуваме во себе, во здравјето и спортот, ние дозволуваме различни пороци и штетници да владеат со нашиот универзум. Тоа предизвикува негативно расположение и лоша карма, незадоволство, разни облици на воспалителни процеси се случуваат внатре во нашите организми за кои не сме ни свесни, но тие тлеат и растат секој ден се повеќе, прераснувајќи во проблем за кој на крај не постои решение.

Затоа е од исклучителна важност да обрнуваме повеќе внимание на хранење на духот, да чиниме нешта кои го лачат серотонинот во изобилство, да посетуваме места каде се чувствуваме најживи, да се препуштиме на магијата на природата да не води низ нејзините левели, да дишеме чист воздух, да искусиме различни глетки, да милуваме животни, растенија, да го слушаме црцорот на птиците, да играме на мелодијата на природата, таа има толку многу што да ни даде и да не поучи.

Кога газиш бос, конекцијата е неминовна, се празнат негативните вибрации од тебе, а се полниш со слободните електрични полнења од Земјината топка, кои позитивно влијаат на секој организам, на секоја клетка од себе и инстантно се здобиваш со многу повисока енергија . Се чувствува тоа веднаш, минутки се во прашање. Впрочем порано сите оделе боси, трчале боси, играле фудбал, трчале маратони и биле далеку поздрави од нас. На запад веќе и лечат хронични заболувања, како и депресии и анксиозност со заземјување, ги користат терапиите кај деца со Аутизам, кај новороденчиња, кај луѓе со проблеми со спиењето, кај спортисти, стари лица, деца во развој, постојат организации, вршат предавања, се трудат да го доближат ова просто и едноставно решение до народот на разни начини, додека кај нас сеуште е непознато. Се надевам ќе поттикнам кај луѓето да пробаат барем еднаш, да искусат што значи сето тоа, се надевам ќе придонесам луѓето да излезат од комфорот и да се осврнат повеќе на мајка Природа, да уживаат, да водат здрав и квалитетен живот. Тоа не е ништо ново, запишано е во нашите гени, датира уште од најстаро време, само го имаме подзаборавено.

  • Ти се занимаваш со планинско трчање, една релативно нова дисциплина која изискува сериозна психо-физичка подготвеност. Koj е твојот главен мотив да се занимаваш со трчање?

Мојот ментален склоп има потреба од побрзи активности, зависник сум од адреналин и уживам да се предизвикувам себеси. Спортот ми бил близок од најрана возраст, но никогаш не сум се занимавала професионално. Сум пробувала различни активности, но ниту една не успеала да ми го задржи вниманието до степен да го правам костантно и да му се посветам целосно.

Откако се запознав со планините, сватив дека се што е поврзано со спорт во природа ме исполнува, никогаш не ми е здодевно, а бенефитот е огромен. Планинарење, велосипедизам, трчање, качување карпи, само да сум надвор, на слобода. Не сакам затворени простории, тоа за мене е казна. Главен мотив за трчање ми е чувството на слобода, тоа е немерливо чувство и не е можно да го доживееш поинаку, освен во планините. Сплотен си со природата, се чувствуваш свој, како да си дома, дишеш во еден такт со дрвјата, доживуваш глетки од кои запира здивот, пејсажи во недоглед, чувствуваш дека припаѓаш таму повеќе од кое и да било друго место на планетава.

Нормално стануваш зависник од тоа, прекрасно е. Ти се бистри умот, пофокусиран си во секојдневието, посмирен си, спокоен, организмот зајакнува, имунитетот скока до плафон, едноставно постигнуваш повисоко ниво во твоето постоење, навлегуваш  во сосема други психолошки димензии кои придонесуваат да се здобиеш со челична психа, придонесуваат сите проблеми да ги разгледуваш од поинаква призма.  Трчањето ти дава можност сето тоа да го воспоставиш по брза постапка, да посетиш многу повеќе места за еден ден отколку кога би го сторил тоа пешачејќи. Да доживееш безброј искуства колку што обичен човек не би успеал ни за 9 животи.

Планинското трчање не е само тренинг за телото, туку е и тренинг за умот, попатно се соочуваш со различни временски услови, од сонце до снег, дожд, град, ветер, трчаш по различни терени, земја, трева, бодликави грмушки, камења, карпи, неминовни се средби со диви животни, некогаш ти е тешко, ладно, некогаш ти е претопло, се соочуваш со различни ризици, ситуации, падови, повреди, но сето тоа некако со леснотија го надминуваш и секогаш на крајот излегуваш како победник.

Воодушевена сум од мајндсетот кој го градиш низ годините дури трчаш низ безброј планини, брда, ридови, реки, долини. Губиш поим за времето, тоа застанува кога трчаш во природа. А тоа е најослободителното чувство, да не знаеш за простор и време, кон тоа би требало сите да тежнееме бидејќи е најголемата стега во општеството.

Дополнително, мојата ќеркичка Меланија ги следи моите стапки и се надевам ќе сум добар пример за неа во нејзиониот раст и развој. Таа ми е најголемиот мотив и општо во животот. Не знам какви планови има скроено универзумот за мене и мојата иднина, но знам само дека дури сум жива и ме држат нозете, ќе продолжам да трчам, низ планините. Тоа е ветување кое си го имам дадено на себе уште од самиот почеток, кога се случи љубов на прв поглед со планинското трчање. Тоа е страст, вечна страст која не згаснува. Само се негува со текот на годините. Животот е убав, доколку знаеме како да го живееме. Јас го научив рецептот кој е, сторете го тоа и Вие.

Претходен написи
Хималајски Game Changer: Нов пристап за искачување на Монт Еверест
Следен напис
Движење низ планина во зимски услови