Конечно по подолг период поминат со релативно мала сума на врнежи, од пред два дена сме под влијание на особено широко циклон кој има прилично голем размер, односно има влијание на околу 2/3 од Европа. Она што е уште поинтересно за нас е што северното струење преку Франција, или за оние кои малку повеќе си ги знаат ветровите, Мистралот преку долината на Рона, ќе резултира со појава на секундарно циклонско поле, односно активирање на џеновскиот циклон, што за нас ќе значи уште повеќе врнежи.
Но, има и една мала „цака“ во оваа приказна. Џеновскиот циклон освен врнежи носи и југозападно топло струење во неговиот преден дел, па ќе имаме и значително зголемување на висината на нулта изотермата (околу 2200 метри), па врнежите од снег на планините ќе бидат на поголема висина, а на ски центрите снегот што го очекуваме ќе биде влажен. Спуштање на нулта изотермата очекуваме од четврток попладне до околу 1700 метри, а в петок попладне и сабота нејзината висина ќе биде под 1000 метри.
Оваа серија на врнежи ќе трае барем до наредниот вторник, а врнежите ќе бидат во поделени во епизоди со различен интензитет.
Ајде малку детали за оние кои би сакале да појдат на планина во наредниве денови на принудно продолжен викенд:
ЧЕТВРТОК:
Наутро претежно облачно. Од пладне облачно со врнежи. Врнежите ќе бидат поинтензивни доцна попладне, особено долж западна трансверзала и централниот регион околу Солунска Глава. Навечер ќе се интензивираат врнежите и во осоговскиот регион.
Во текот на денот не е исклучена можноста за ретка појава на грмежи на планините во западен регион!
Висина на снежна граница околу 1800 метри. Видливоста ќе биде особено лоша над 1800 метри.
Просечна висина на 0°С изотерма на пладне: 2000 метри.
Температура на слој на воздух на 1500м на пладне: околу 5°С.
Ветер на 1500м: Засилен југ-југозапад (40-50 km/h)
Ветер над 2000м: Силен југозапад (80-100 km/h)
ПЕТОК:
Наутро и претпладне облачно со поинтензивни врнежи, особено западен и централен регион. Попладне врнежите во западен регион ќе слабеат, а во источен регион ќе имаат умерен интензитет.
Висина на снежна граница до пладне во северен регион околу 1100 метри, а во јужен околу 1000. Попладне висината на снежна граница насекаде ќе биде под 1000 метри.
Видливоста ќе биде особено лоша.
Просечна висина на 0°С изотерма на пладне: 900 метри.
Температура на слој на воздух на 1500м на пладне: околу -2С.
Ветер на 1500м: Наутро умерен југ-југозапад. Попладне умерен северозапад
Ветер над 2000м: Наутро умерен до засилен југозапад. Попладне умерен северозапад
САБОТА:
Облачно во текот на целиот ден. Рано наутро со поинтензивни врнежи, претпладне со послаб интензитет. Снег во западен и северен регион над просечно над 600 метри, на југоисток просечно над 1100 метри.
Попладне очекуваме краткотрајна пауза од врнежите, а навечер повторно ќе продолжат во западен регион, но со помал интензитет.
Видливоста и понатаму останува генерално лоша.
Просечна висина на 0°С изотерма на пладне: 1100 метри.
Температура на слој на воздух на 1500м на пладне: околу -2°С.
Ветер на 1500м: Слаб до умерен југ- југоисток. (Засилен југоисток околина на Кожуф и Беласица).
Ветер над 2000м: Засилен југ-југозапад.
НЕДЕЛА:
Наутро и претпладне умерено облачно, а попладне облачно со повремени слаби врнежи. Доцна попадне умерен интензитет на врнежи во планинскиот регион на границата со Грција. Висина на снежна граница околу 1100 метри.
Наутро видливоста ќе биде воглавно добра, а од пладне ќе се влошува, особено на потегот од Јабланица и Галичица, преку Баба и Ниџе, па се до Кожуф и Беласица.
Просечна висина на 0°С изотерма на пладне: 1200
Температура на слој на воздух на 1500м на пладне: околу -1°С
Ветер на 1500м: Слаб до умерен југоисточен
Ветер над 2000м: Умерен до заилен југоисточен
Прогнозата за сабота и недела земете ја со доза на резерва заради динамиката на атмосферата. Затоа повеќе детали ќе објавиме в петок наутро.
Обрнете внимание на промената на висината на нулта изотермата. Таа ќе „одлучува“ за типот на снегот кој го очекуваме, и нормално за пластење на истиот. Бидејќи врнежите ќе бидат во серии, очекуваме услови за некомпактност на снегот. Но, за лавинската опасност сепак ќе треба да се консултираат оние кои се компетентни за таа работа.
До следно читање.
Глигор Митковски