Во организација на нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид неодамна се одржа несекојдневен курс за заштита на природата. Станува збор за специјализиран курс за препознавање на видовите на флората во Охридско Езеро, нејзина класификација и откривање евентуални заболувања.
Курсот го водеше Зилке Олдорф, одделенски менаџер на ВДСТ (здружение на германски спортски нуркачи) и лидер на тимот експерти од НАБУ (унија за заштита на природата и биодиверзитетот) од Сојузна Република Германија.
По тридневна теоретска обука, но и практичен дел, кој опфаќаше нуркање и примена на новите сознанија, курсот успешно го завршија и се сертифицираа седум нуркачи од „Амфора“. Со ова нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид се верифицира и влезе во големото европско семејство за заштита на животната средина.
Тоа практично значи дека во иднина, низ секојдневните нуркања, нуркачите на „Амфора“ ќе ја следат состојбата на флората во Охридско Езеро и ќе алармираат пред сѐ до Хидробиолошки завод и до НАБУ за одредени нарушувања.
За обележување е податокот дека за полесно препознавање на флората, „Амфора“ на подарок од НАБУ доби современ електронски микроскоп.
Нуркачкиот центар „Амфора“ особено се заблагодарува на големата поддршка што ја доби за реализација на курсот на НУ Завод и музеј Охрид, Хидробиолошкиот завод и Општина Охрид.