Започнува да се гради косовскиот дел од патот Призрен-Тетово под Шар Планина

Вести

Регионалниот пат Призрен – Тетово под Шар Планина започнува да се гради од страната на Косово, објави преку својот фејсбук Либурн Алиу, министер за животна средина, просторно планирање и инфраструктура во косовската влада. Ова го објави косовскиот весник „Газета експрес“.

Во петокот е потпишан договор за изградба на патот Призрен-Тетово, во должина речиси 21 километар, со вредност од 8 милиони евра за првата делница и за третата делница со вредност од 8 милиони и 350 илјади евра. Вкупно за овие две планирани делници на овој пат од страната на Косово ќе бидат инвестирани 16 милиони и 350 илјади евра.

Патот што треба да ги поврзе Призрен и Тетово веќе има договор помеѓу двете земји потпишан од страна на двајцата премиери, односно од Курти и поранешниот македонски премиер, Заев.

Покрај физибилити студијата има и заедничка комисија помеѓу двете држави која од можните три правци на рутата ја одбрала варијантата со најдолгиот тунел од 6,4 километри.

Со цел овој пат да може да функционира и во тешките зимски услови кога има големи врнежи од снег, е одено со многу пониска надморска височина. Излезот на косовската територија е во селото Манастирица, а од македонска страна на потегот под шарскиот врв Вртоп (2555м) меѓу селата Вешала и Бродец. Косово има подготвено и главен проект од излезот на тунелот се до вклучувањето кон автопатот „Ибрахим Ругова“, пат од 22 километри, кој според косовските високи политичари е од големо значење за економијата, развојот на туризмот, и зближувањето на двата града.

Овој проект, како што изјави премиерот на Косово, Албин Курти, ќе чини 200 милиони евра. Половина од проектот треба да финансира Македонија, но засега нема конкретен чекор од страна на Македонската Влада.

Патот Тетово-Призрен останува еден од проектите за кој најмногу се зборува меѓу лидерите на ВРЕДИ во Македонија и владата на Курти во Косово. Додека Косово го изгласа договорот за проектирање на тунелот и одвои финансиски средства за експропријација на земјиштето каде што ќе минува патот,  во Македонија сè уште не е помината ратификацијата на договорот. Првиот вицепремиер Изет Меџити изјави дека за овој пат разговарал, но приоритет останува автопатот Скопје-Блаце.

„Првата средба во Косово ја имав со министерот Либурн Алиу, со неговиот тим, и прва тема беше патот Тетово-Призрен, меѓу другото разговаравме и за Скопје- Блаце за кој се зборува 13 години и не е мрднат повеќе од овие два километри. Работат интензивно, косовската страна и ние, иако сме во првите дена, уште не сме седнале убаво, но веднаш отидовме на овие две теми“, вели Изет Меџити. „Ние како локална власт нема да седиме со скрстени раце, ќе ја завршиме нашата работа и ќе придонесеме за развој на овој планински дел од Шара и негов развој и оваа делница да стане важен дел во поврзувањето меѓу Косово и Македонија, односно Тетово и Призрен“, изјави градоначалникот на Тетово, Касами.

Првичните студии и проекти предвидуваат старт на долгиот тунел 6.4 км на околу 1200 метри близу с.Вешала под врвот Вртоп

За првичните студии и проекти своевремено тогашнинот директор на Управата за животна средина при Министерството за животна средина Хисен Џемаили има изјавено „Ова е првична студија, а понатаму треба да има и оценка врз животна средина за главниот проект. Оваа физибилити студија е како верзија само во делот на нашата држава. Сега се формирани комисии и од страна на Косово и од страна на Македонија кои заеднички ќе работат за да се дојде до главна студија според која ќе се гради. Во текот на градбата ќе има влијание врз животната средина ама тоа ќе се предвиди со студијата. Од три опции повеќе се оди со подолг тунел за да има помалку влијание врз животна средина, да биде пониско, близу до тетовските села Бозовце и Вешала“.

Претходен написи
Равна планина гради затворена скијачка сала
Следен напис
Втор ден гори националниот парк Галичица