Словенија годишно издвојува 400.000 евра за одржување и безбедност на планинарските патеки, а Македонија, која е седма земја во светот со 85,5 % планински предел, е единствена на Балканот без државен или општински буџет за одржување или маркирање на нови планинарски патеки.
Но, тоа не ги спречи најголемите ентузијасти предводени од искусниот планинар Андреј Хочевар да почнат да работат на проектот Македонска бесконечна трансверзала „Sammiana“ и волонтерски да се обидат да одбележат 2.070 километри планинарски патеки.
„Sammiana“ е кружна непрекината планинарска патека која поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости.
Проектот се реализира од страна на асоцијацијата Македонска бесконечна трансверзала и досега се трасирани и дигитално мапирани над 90 % од трасата, а јавно од неодамна е достапно целото источно крило во должина од 1.166 км. Се очекува до крајот на оваа година да биде комплетирано и дигитално мапирано и целото западно крило во должина од 870 км, со што ќе се комплетира целата трансверзала со вкупна должина од 2.070 км, најдолга на Балканот и една од најдолгите во Европа и светот.

– Идејата е стара речиси 10 години, поточно потекнува од 2016 година кога јас се запознав со концептот на трансверзалното планинарење на големите трансверзали во Америка. Ова е мегапроект кој за да успее, треба да се направи од страна на ентузијасти кои не се водат од тоа дали и колку ќе бидат платени, туку од желбата да се направи нешто за државата и за следните поколенија. Мое мислење е дека ако тоа што го правите е мотивирано само од пари, тогаш веројатноста е голема да биде направено брзоплето, неквалитетно и е осудено на неуспех – открива иницијаторот на идејата – Андреј за „Факултети.мк“.
Асоцијацијата Македонска бесконечна трансверзала во моментов брои 12 члена. На прашањето колкава е вредноста на проектот и дали ова е најголемиот капитален проект во планинарскиот туризам, Андреј рече дека ова не може да се измери во пари, но дека се сложува дека ова е навистина голем проект.
– Околу тоа колку чини проектот можам само да кажам дека нема вредност, т.е. не може да се измери во пари бидејќи, како што кажавте, учествуваат волонтери чиј труд не може да се вреднува. Вредноста на проектот ќе се види низ годините и децениите што доаѓаат, а верувам дека ќе биде непроценлива. Можеби ќе звучам пресамоуверено или егоистично, меѓутоа, ова е најголем капитален проект во планинарскиот туризам. Малкумина се свесни за тоа што овој проект ќе значи за македонското планинарство и воопшто за македонскиот туризам и економија, но се надеваме дека со текот на времето оваа констатација ќе се смени – вели Андреј.
Со самото комплетирање се создаваат услови еден огранок од трансверзалата да стане дел од официјалните европски патеки, поточно дел од маршрутата Е7 која започнува од Португалија и води преку Шпанија, Франција, Италија, Словенија, Унгарија и во моментов завршува во Србија, поточно на нашата северна граница.

Со проектот бесконечна трансверзала и Македонија се стави на мапата на земји со планинарски тури, а придобивките од неа ќе бидат огромни.- За да ги набројам сите придобивки, ќе треба цела книга да се напише, меѓутоа, еве најкратко би го споменал следново:
– Туризам, особено рурален туризам. Патеката поминува во многу повеќе или помалку рурални предели каде што локалното население и општините немаат никогаш видено турист од странска земја. Дополнително, средствата што ги трошат овие туристи остануваат во најголем дел во општините кои се на трасата и нудат можност за сите жители, за разлика од класичните типови рурален туризам каде што поголемиот дел од средствата завршуваат повторно во големите градови и кај само една до две фамилии во руралната средина.- Придобивки има и за македонската планинарска заедница, која ќе добие над 1.500 км нови трасирани планинарски патеки, а секако и целата траса од 2070 км ќе биде дигитално мапирана и обележана. Дополнително, овој проект драстично ќе го зголеми и побарувањето на планинарски водичи кои ќе имаат можност да водат тури на странски туристи по македонските планини, ќе создаде планинарска инфраструктура која потоа може многу лесно да се искористи од страна на кој било за креирање други содржини, на пример, планински трки и слично – истакна иницијаторот на идејата.
Најголем предизвик на патеките не било маркирањето, туку оформувањето, трасирањето и чистењето на трасата.
– Кога доаѓаме на фаза маркирање, предизвик е да се обезбедат финансиски средства бидејќи се трошат повеќе материјални средства за таа активност. Проблем ни прави и дивата, а на некои места и легалната сеча на шумите бидејќи се сечат и дрвјата каде што е поставена маркацијата за движење, па затоа една од задачите ни е често да вршиме проверки и поправки на веќе маркирани сегменти од патеката. Што се однесува до завршувањето на трансверзалата, ако зборуваме за трасирање и дигитално мапирање, таа е веќе над 90 % готова. Теренското маркирање со маркации е сѐ уште во рана фаза, т.е. теренски се маркирани околу 400 км, открива тој.
Македонија ќе стане нова туристичка дестинација за планинарите кои пешачат со денови по овие патеки. Но, се поставува прашањето што ќе им понудиме на планинарите кога немаме планинарски домови, односно или се уништени, опожарени, затворени или во лоша состојба.
– Тука навистина сме во една незавидна ситуација. Точно дека ние сме земја со најмалку функционални планинарски домови, но и тие што се во добра кондиција немаат доволно посетители, па функционираат само за викенди и празници, што автоматски го прави проблемот покомплексен бидејќи за да функционира еден планинарски дом, потребно е да има и економска исплатливост. Доколку има економска исплатливост, сигурно би имало многу поголем интерес од сите страни за инвестирање во планинарски дом, не само од државата, туку и од поединци. Токму овој проект ќе го реши тој проблем. Целта е на почеток да ги привлечеме поспремните планинари на кои не им е потребен планинарски дом, туку се движат со целосна опрема. Иако на овој тип планинари не им е неопходен планинарски дом, секако дека би претпочитале да го има.
Тие би создале една критична маса на потенцијални посетители за да може да се инвестира во планинарски домови и други типови преноќишта, за потоа да следува следната фаза каде што со постоење на повеќе функционални планинарски домови ќе ја привлечеме и другата поголема група на планинари кои не се движат со опрема за преспивање и кои сакаат секој ден да го завршат под покрив. Тоа неколкукратно ќе го зголеми бројот на потенцијални посетители во сегашните и новите планинарски домови и ќе се создадат услови за конечно да имаме доволно и квалитетни планинарски домови – изјави Андреј.

Од 12 до 14 часа теренска работа секој ден
Во 2023 година планинарите што се дел од волонтерскиот тим на асоцијацијата, Игор Смилев и Новко Ѓорѓиевски, ја расчистуваа обрасната планинарска патека од превојот Момина Чука (1550 м.н.в.) до селото Белица (Мак. Брод, 550 м.н.в.) во должина од околу 10 километри.
По 12 до 14 часа напорна теренска работа секој ден, од 6 до 9 часа ефективна работа без одмор се вршело расчистување на патеката со поставување маркациски пластични ленти и повеќебојни маркации. Сите денови волонтерите се враќале помеѓу 21 и 22 часот со рани и гребеници како од бојно поле.
– Тоа е идеја на Андреј и осумгодишен негов труд во кој се вклучивме десетици волонтери од Македонија. На пример, патеката кон Македонски Брод ја правевме 6-7 години и со неа во само 19 километри споивме две општини, Чашка и Македонски Брод. Папрадиште – Горна Белица со асфалт се оддалечени неверојатни 200 км, а со оваа патека само 19 км. Оваа патека е од стратешко и витално значење за планинарскиот туризам во Македонија и со активирање на Бесконечната трансверзала Македонија ќе стане туристичко-планинарска велесила. Ова е дефинитивно најголемиот капитален проект во режија на граѓаните со нула учество на државата и општините, за кои се надеваме дека во иднина ќе се вклучат со помош поради понатамошна промоција, развивање и одржување на патеките во должина од над 2.500 км, што е и најтешката работа – да се одржуваат проодни – вели планинарот Игор Смилев.
