По пауза од 12 години, Попова Шапка повторно домаќин на 41. Шарпланински скијачки куп, најголемата и воедно најстара меѓународна скијачка манифестација во Македонија и на Балканот.
Учествуваа 37 натпреварувачи од Македонија, Србија, Бугарија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Грција, Косово и Кипар.
Севкупен победник е Константин Стоилов од Бугарија. Стоилов го освои првото место на сите четири трки во слалом одржани изминатите два дена, на второто место неговиот сонародник Иван Главчев, а третото место во севкупниот пласман го делат Мирко Лазарески од Македонија и Марко Семенџиев од Бугарија.
Во женска конкуренција, Лирика Дева од Косово го освои првото место, пред Миа Паул од Бугарија и македонската скијачка Ева Милевска.
Првото место носеше награда од 1.000 евра, второто 700, а третото место 500 евра. И овојпат беше запазена традицијата, па севкупниот победник Стоилов доби и куче шарпланинец.
Шарпланинскиот скијачки куп започна да се одржува во 1947 година, а во 1957 влезе во официјалниот календар на ФИС скијачки натпревари.