Искачена легендарната насока Supercouloir Mont Blanc

Вести

Во март, високо над Шамони, во срцето на Алпите, Илија Циривири (АК Матка) и Мартин Пејоски (АК Патагонија) ја искачија легендарната насока „Supercouloir“ на Мон Блан – едно од најпредизвикувачките мешани искачувања во Алпите.

Со овој подвиг станаа првите македонски алпинисти што ја реализирале оваа линија во зимски услови.

Стрмна и немилосрдна насока, комбинација од мраз и карпа, каде што условите постојано се менуваат, а неизвесноста е најголемиот предизвик. Искачување што бара дисциплина, знаење и целосна посветеност.

Ова е значаен момент за македонскиот алпинизам, особено во време кога модерниот алпинизам толку брзо ја менува својата форма. Доколку на алпинизмот му се одземат ризикот и опасноста, останува само спорт. Но токму неизвесноста и целосната посветеност го прават нешто повеќе – состојба во која постои само следното движење, медитација, битка и љубов. Дејност што бара многу работа, мудрост и саможртва.

Со ова искачување, Илија и Мартин покажаа дека македонскиот алпинизам расте. Голем чекор напред и инспирација за новите генерации. Години работа за кратки, но вистински моменти – средба со себеси.

” Ова не е „само“ уште едно искачување. Ова е порака. Порака дека алпинизмот не се мери во метри, туку во вредности. Не во фотографии, туку во одлуки донесени таму каде што нема публика. Не во висина, туку во длабочината на умот и духот. Со ова искачување, Ико и Мартин покажаа дека македонскиот алпинизам созрева и дека влегува во нова фаза, каде што амбицијата е придружена со разбирање, а техниката со став. Покажаа дека и од тука, од Македонија, можат да излезат алпинисти кои не само што ги следат светските вредности, туку ги живеат.” изјави Константин Циривири.

Претходен написи
Попова Шапка затвори за скијање сезоната заврши