Малку за плачење но ај…по 40 години Пониква доби реконструирани ски лифтови!?

Вести

Пред некој ден сите медиуми ботовски превземаа вест дека по 40 години Пониква доби реконструирани лифтови, како да се постави гондола Кочани –  Пониква и шестосед Пониква врв Руен. Веста си помина наравно глатко без многу возбуда затоа што и нема ништо возбудливо, па дури и е повеќе од смешно после 40 години било каде па вклучително и на Пониква да се менуваат сајли и штрафови.

Во нашите коментари немаме намера да го критикуваме моменталното општинско раководство од градот Кочани на чело со градоначалникот Николчо Илијев со кого минатата сезона имавме директен состанок и се уверивме во искрените заложби да прогресираат работите во центарот, што ете и се случува вака или онака. Ние попатно си го направивме нашето во дигиталниот свет, ставивме метео станица и камера, па ја отворивме Пониква малку повеќе кон пошироката јавност. Тоа ни е дел од агендата и тоа волонтерски чисто да видите како со 10 марки ако сакате се ќе направите!

Но најважно што не мачи нас скијачите, луѓето кои се бават со туризам, општо граѓаните. Чита ли некој од Владата, разговарате ли на кафе, следи ли некој колку пари инвестираат регионално владите во скијачка инфраструктура?! Знаете ли дека во Србија, Црна Гора и Босна се инвестираат стотици милиони евра изминативе три, четири години за нови гондоли, ски лифтови кои по најавата од тамошните влади, за 6-9 месеци веќе се е инсталирано? Ние овде ќе мафтаме со 3 штрафа, а што е најжалосно тоа се туѓи пари, грантови. Да не беа тие, ни 3 штрафа немаше да има.

Кога вие политичарите заедно преку локалната самоуправа ќе придонесете со поголема ефикасност во искористување на ресурсите. До кога ќе се доделуваат концесии на Рајко, Петко и Станко да управуваат со ски центри, одморалишта и секоја друга државна инфраструктура, а тоа да не биде на штета на регионите и туризмот кон кои гравитираат.

Поминаа повеќе од 5 години кога поранешната влада потроши неколку милиони евра за ратрак машини и системи за вештачки снег токму за Пониква и дополнително во Крушево, а истите останаа да рѓосуваат по така наречените ски патеки или оградени со жица без еден работен час. Опрема доделена со една цел развој на ски центрите, подобри услуги, но од тоа не видовме ништо заради причини кои можете само да ги видите кај нас во Македонија или на некој пародија филм. Премногу е комплицирано за да се објасни, но во основа причините пукаат со субјективни лични мотиви, непрофесионалност, бирократија и без вистинска волја да се развиваат работите, туку важни се личните интереси и препукувања. А секако сме приметиле дека и општонародната регионална и локална логика е исто таква ситничарска “да му умре козата на комшијата”.

Кој ќе ја сноси одговорноста за пропаѓање на таква скапа опрема?

Дајте им ги работие да ги работат оние кои имаат енергија, докажани со визија и љубов за инвестиции и развој во ски туризмот и планинскиот туризам.  Бидете одговорни, се работи за квалитет на живот на сите граѓани, а не за вашите плати на било која привремена позиција која ќе ја запоседнете. Станавме тешко село!

Модерни, современи регионални скијачки и планински рекративни центри ќе донесат многу повеќе пари и локален развој за повеќе фамилии отколку странски фабрики и импровизаторски проекти.

 

Претходен написи
Немаат многу планини но планинарењето во Србија сè попопуларно
Следен напис
Владата ни го одзема чистиот воздух ги затвори ски центрите