„ПроШарај Тинејџ Камп“: Авантура за паметење на Попова Шапка – Едукација, Скаутинг и Љубов кон природата за младите!

Вести

Тетово, Северна Македонија – 31 јули 2025 – Организацијата „Шарам“ со огромно задоволство го најавува второто издание на „ПроШарај Тинејџ Камп“, единствена дво-дневна авантура на прекрасната Попова Шапка, наменета за тинејџери на возраст од 14 до 18 години. Кампот ќе се одржи од 8 до 10 август 2025 година (од петок до недела) во пазувите на Шар Планина, со база во Конак, Попова Шапка, нудејќи им на младите незаборавно искуство исполнето со едукација, дружење и поврзување со природата, непосредно пред почетокот на новата учебна година.

„ПроШарај Тинејџ Кампот“ е осмислен како одлична можност за младите да го истражат потенцијалот на Шар Планина како место за уживање, дружење и стекнување нови искуства. Главниот фокус на кампот е едукацијата и всадувањето на нови, здрави навики и љубов кон планината.

Што ги очекува учесниците?

Во соработка со искусни и лиценцирани младински водичи и педагози од ПК „Љуботен“ Тетово, Ски-школа „Љуботен“ и ЕЛС „Пегасус“ Тетово, учесниците ќе бидат безбедни и под стручен надзор на обучени и лиценцирани спасители. Агендата на кампот е богата и поделена во клучни сегменти:

●     Основи на планинарење и планинарски правила: Тинејџерите ќе добијат теоретска обука за соодветна облека, однесување, пакување ранец, исхрана во планина и други основни принципи за безбедно и одговорно движење во природа.

●     Скаутинг и камперски вештини: Практични вештини како поставување шатор, ориентација во простор и палење оган со природни средства.

●     Две лесни планинарски тури: Учесниците ќе уживаат во истражувањето на планината преку лесни планинарски тури до Репетитори и Ге.

●     Камперски игри: Многу интерактивни и креативни игри од натпреварувачки карактер ќе го поттикнат тимскиот дух и снаодливоста.

●     Посета на ПК „Љуботен“ и Шара Инфо Центар во Тетово: Можност за запознавање со локалната планинарска историја и информации за Шар Планина.

Како дел од активностите, секое дете ќе добие брендирано лонче со карабинер, со логото на настанот и поддржувачите. Посебен акцент е ставен на еколошката свест: тинејџерите ќе имаат можност да засадат зимзелено дрвце во дворот на манастирот, како симболичен придонес кон зачувувањето на нашата прекрасна природа и зголемување на свеста за грижата кон неа.


А1 Македонија: Посветеност на здрава дигитална иднина за младите

Од оваа година, А1 Македонија се приклучува како поддржувач и спонзор на „ПроШарај Тинејџ Кампот“, со посебен фокус на едукацијата за одговорно дигитално присуство. Со оглед на денешното динамично време, каде што пораките се праќаат со еден клик и секоја содржина може да се сподели за момент, А1 Македонија препознава колку е важно младите да ја разберат моќта на своите зборови и дела во онлајн просторот. Нивната цел е да им помогнат на идните генерации да имаат безбедно онлајн присуство и постоење. Тоа вклучува промовирање на безбедно гејмање и создавање здрави гејминг навики, збогатување на знаењето за интернетот, како безбедно да бидат дел од светската мрежа и како да ги заштитат своите лични податоци. Преку нивната поддршка, А1 Македонија креираше низа активности кои ќе бидат дел од програмата на кампот, а ќе ги поттикнат младите да имаат поодговорен пристап кон нивното дигитално присуство.


Активности поддржани од А1 Македонија:

Во рамките на кампот, со поддршка од А1 Македонија, ќе се одвиваат и дополнителни, исклучително значајни активности:

●     Панел дискусија „Подобар онлајн“: Психолози и релевантни панелисти ќе ги споделат своите искуства за предизвиците и предностите на онлајн присуството, поттикнувајќи конструктивна дебата меѓу тинејџерите.

●     Птичарење: Уникатна можност за набљудување и запознавање со богатата птичја фауна на Шар Планина.

●     Фото конкурс „Подобар офлајн“: Натпревар во фотографија со награда од А1 Македонија, кој ги поттикнува младите да ги забележат убавините на природата и да го ценат времето поминато надвор од екраните.

Кампот функционира на принцип „прв пријавен“, со цел да се обезбеди квалитетно искуство за сите учесници. Во организацијата на настанот ќе бидат вклучени и шест платени младинци-волонтери, давајќи им можност да стекнат практично искуство во организирање настани и да ги развијат своите вештини за одговорност и комуникација.

Важни информации за котизација и логистика:

Котизацијата за учество изнесува 3.000 денари, а во неа е вклучено:

●     Превоз: организиран превоз Тетово – Попова Шапка – Тетово.

●     Храна: 3 оброци дневно во вид на ланч пакети и 2 ужини на ден.

●     Опрема: организаторите обезбедуваат шатори и подметачи (доколку немате сопствена изолациона подлога, ве молиме пријавете го тоа).

●     Патничко осигурување.

●     Стручен кадар: Обезбедени се планинарски водичи, спасители, педагог и медицинско лице (доктор).

Збирно место е ПК Љуботен Тетово. Поаѓањето е предвидено за 12:00 часот на 8 август 2025 година (петок), а враќањето за 18:00 часот на 10 август 2025 година (недела).

Краен рок за пријавување е 6 август 2025 година.

Што треба да понесе секој учесник:

За комплетно и пријатно искуство, секој учесник треба да понесе:

●     Планинарски обувки (чизми)

●     Ранец

●     Маици со долги ракави

●     Јакна и топла облека (навечер поради висината е доста поладно)

●     Маици со кратки ракави (по можност светла боја)

●     Долги панталони (тренерки)

●     Високи чорапи

●     Капа и ракавици

●     Батериска лампа

●     Крема за сончање и очила за сонце

●     Средство против инсекти (Аутан)

●     Шише за вода

●     Прибор за лична хигиена (сапун, крпа, четка и паста за заби)

●     Камперска вреќа за спиење

●     Изолациона подлога за кампување (доколку имате)

„Нашата цел е преку оваа авантура на Шар Планина да ги запознаеме тинејџерите со убавините и предизвиците на планината, да им всадиме љубов кон природата и да ги едуцираме за одговорно однесување во неа,“ велат од организацијата „Шарам“. „Веруваме дека ова искуство ќе им помогне да стекнат нови пријателства, да развијат вештини за живот во природа и да ги наполнат батериите пред стартот на новата учебна година.“

За пријавување и повеќе информации, ве молиме контактирајте ги:

●     Перо – Пегасус ЕЛС: 070 329 979

●     Бојан – Ски Школа Љуботен: 078 604 229

●     Сандра – Шарам: 077 895 581

Претходен написи
Кои се водечки ски центри на јужната хемисфера?
Следен напис
27,7% повеќе странските туристи, Керим: Можеме повеќе, да работиме на хигиената и на промоција