СО СКИИТЕ НА РАМО ПРВИТЕ ТЕТОВСКИ СКИЈАЧИ ПЕШАЧЕЛЕ ПО ПЕТ ЧАСА ДО ТЕРЕНИТЕ НА ШАР ПЛАНИНА

Вести

Тетово сигурно е град кој има најстари спортски клубови, не само во државата, туку и пошироко. Неодамна фудбалскиот клуб Љуботен ја прослави 100-годишнината од своето активно работање, а деновиве скијачкиот клуб Љуботен слави 90 години. Како кај фудбалот така и кај скијањето, првите тетовци кои почнале да спортуваат биле младите кои студирале во Швајцарија, Франција или Австрија. Наученото го донеле на овие простори, а тетовци кои секогаш важеле за големи љубители на спортот, тоа веднаш го прифатиле.

Скијачкиот клуб Љуботен слави 90 години и е еден од најстарите во земјава; – Скијачите на клубот во 1954 на Шара (Фото: Архива на Љуботен)

„Во 1924/25 година Орестије Крстиќ, тогашен начелник на Шумската управа кој студирал во Франција и каде научил да скија, ги донесува првите скии во Тетово. Неговото скијачко искуство го пренесува меѓу тетовците кои како едвај да чекале да дојде некој и да ги повика да го направат оној вистински чекор. Првите тетовци кои учат скијање од Орестије биле Никола Николоски-Коларот, Радослав од Горно Маало, Александар Исаевски-Мошо, Диме Јовановски-Флејта, Младен Иљоски-Тиквар, Жика Митровиќ кој станува вториот претседател на скијачкиот клуб Љуботен. Во зимата 1926 започнале помасовни обиди за скијање во близината на Тетово во месностите Теќе, Поток, Балтепе, Гајрански Ливади. Таа година се одржал и првиот биатлон низ улиците во центарот на градот. Во 1927 се откриваат непрегледните терени за скијање на Попова Шапка и тие стануват најпосакувано место за скијање. Кога во 1929  Орестије Крстиќ се вратил во Тетово на својата нова функција како претседател на Градското поглаварство, во склоп на планинарското друштво Љуботен е формирана првата скијачка секција. Овој настан се смета како официјално формирање на ски клубот Љуботен“, вели историчарот Бранислав Светозаревиќ за почетоците на скијањето во Тетово.

Рефик Јаја е најдобриот скијач на сите времиња во Македонија; – На натпревар во Инсбрук, Австрија (Фото: Архива на Јаја)
Рефик Јаја е најдобриот скијач на сите времиња во Македонија; – На натпревар во Инсбрук, Австрија
Тој кажува дека еден од првите тетовски скијачи, Цоне Аврамовски, во 1930 посетил курс за скијање во Словенија, а во 1932 започнал формирал и скијачка секција при Соколското друштво во градот. Скијањето во градот брзо се омасовувало па покрај мажите имало и жени скијачи. Веќе во 1934 бил изграден првиот планинарски дом на Попова Шапка, а таа година се одржал и првиот скијачки натпревар помеѓу скијачите од Тетово и Скопје.

„Во 1938 се отворил и првиот дуќан за продажба на скии во Тетово и во тој период во градот имало околу 200 скијачи. По Втората светска војна, искусните планинари и скијачи од Тетово ги возобновиле скијачките активности. Во 1947 бил одржан првиот Шарпланински скијачки куп со учество на скијачки репрезентации од повеќе земји. Во 1948 на Попова Шапка била изградена првата скијачка скокалница во Македонија од која се изведување скокови од околу 30 метри“, вели Светозаревиќ.

Во 1954, на 17-годишна возраст Рефик Јаја на државното првенство во алпско скијање на Јахорина го освоил првото место, што било вистинска сензација во тоа време бидејќи успеал да ги победи дотогаш неприкосновените словенечки скијачи; – Јаја со медалите освоени во натпреварувачката кариера

Крсте Серафимоски спаѓа во доајените на спортот во Тетово. Како сестран спортист, тој уште од мал почнал и да скија. Скија повеќе од 65 години па и сега, кога е веќе во подминати години, не пропушта ниту еден миг в зима да се качи на Попова Шапка и да скија по нејзините падини.

„Пред едно 65 па и повеќе години кога почнав јас да скијам, условите за овој спорт беа и повеќе од скромни. Оригинални скии не можевме да купиме па затоа самите си ги правевме. Најдобро за тоа беа даските од багремово дрво. Мајсторот за ските ни беше Новица Димовски. Неговиот двор беше претворен во работилница за изработка на скии. Најголем проблем ни беше како да ги свиткаме врвовите на скиите. За тоа мајсторот Новица имаше едно буре со топла вода во кое успевавме некако да ги свиткаме багремовите даски и да го добиеме обликот на скиите. Везовите ни ги правеше еден ковач, а каишите беа долги по неколку метри за да можеше добро да ја обвиткаме и затегнеме нозете бидејќи тогаш немавме специјални кондури за скијање. Уште од тогаш јас станав член на скијачкиот клуб Љуботен. Најчесто се скијавме на местото викано Гајранска Ливада кај селото Гајре над Тетово или на Попова Шапка. До таму редовно одевме пеш или со коњи, но тоа за нас не преставуваше никаков напор бидејќи желбата за скијањето беше навистина голема. За Попова Шапка обично тргнувавме во петок околу три часот попладне, кога ни завршуваа часовите во училиште. После неколку часа одење пеш низ високиот снег, стасувавме на Попова Шапка каде преспивавме, а утредента по цел ден се скијавме. Немаше тогаш ниту жичарници ниту ски-лифтови, ама имаше огромна желба за скијање па знаевеме и по неколку пати да се искачуваме пеш по околните ридови за да потоа се спуштиме надолу со скиите“, се присетува Серафимовски на времињата од пред 6-7 децении.

Низ овие 90 години од неговото постоење, од редовите на ски клубот Љуботен произлегле голем број скијачи. За голем дел од нив скијањето било само рекреација и забава, но клубот дал и неколку врвни скијачи.

„Интересно е тоа што скопјани па и тетовци, во 1920-те години првин почнале да скијаат на врвот Љуботен. Тогаш тие со воз оделе од Скопје до Качаник, па од таму пеш по планината се качувале до врвот Љуботен. Затоа и клубот го добил името по оваа прекрасна планина. Благодарение на Вели Нуриман од селото Лисец, кој извонредно ја познавал Шар Планина и бил страсен скијач, се открива Попова Шапка и скијачите започнале тука да доаѓаат бидејќи имало прекрасни терени за скијање. Не можем да тврдам дека скијачкиот клуб Љуботен е најстариот ски клуб во Македонија, но сигурно е меѓу најстарите. Од неговите редови произлегле плејада скијачи кои постигнувале извонредни резултати на државни, но и на меѓународни натпревари во скијање, а меѓу кои секако најголем е Рефик Јаја кој, слободно можам да кажам, е најдобриот скијач на сите времиња во Македонија. Тој во 1950-те и 1960-те години учествувал на бројни скијачки натпревари од каде речиси секогаш се враќал со освоени медали, а неколку пати бил и државен првак во скијање. Кога во 1954, на 17-годишна возраст, на државното првенство во алпско скијање на Јахорина го освоил првото место, преставувало вистинска сензација во тоа време бидејќи успеал да ги победи дотогаш неприкосновените словенечки скијачи. Рефик учествувал и на меѓународни скијачки натпревари од каде има освоено многу медали. Во тој период тоа беа златните времиња на скијањето и на клубот. Скијачкиот клуб Љуботен зема активно учество во организирањето на Шапланинскиот куп, највисокото и најстаро скијачко натпреварување кај нас“, вели Жарко Трповски, претседател на скијачкиот клуб Љуботен.

За разлика од тие славни времиња, во последниве десетина години скијањето во Македонија е доста опаднато. Некои познати скијачки центри во Македонија повеќе не функционираат, а Попова Шапка неколку години е во длабока криза. Ски клубовите не се организирани како порано и повеќе се оди на индивидуално скијање.

„Таа криза се чувствува и во ски клубот Љуботен, каде и покрај овие потешкотии правиме големи напори да излеземе од кризата и да го омасовиме клупското скијање не само во Тетово, туку и во државата. За излез од оваа криза најбитно е обновување на скијачките центри и тоа не само поради скијањето, туку пред сè за развој на туризмот“, вели Трповски.

извор сдк.мк

Претходен написи
Американски алпинист илегално скокна од Монт Еверест
Следен напис
Скијање во мај комбинирана авантура јавање коњи и ски туринг Кобилица север