Седмо издание на највисоката трка во Македонија. Екстремна високопланинска трка ќе се оддржи на 22 јуни на Шар Планина. Трката е со вкупна должина на патеката од 20 километри и висинска денивелација од 1.900 метри (искачување и спуштање). Трката се дефинира како класично „скајранинг “ натпреварување. Стартот и финишот на трката се на Попова Шапка на 1.750 мнв, а се искачуваат неколку врвови над 2.500 мнв. меѓу кои и највисокиот на Шара, Титов Врв, со 2.747 мнв.
Настанот се одржува во континуитет од 2019-та година, со реализирани шест успешни изданија, со присуство на домашни и странски натпреварувачи, а токму на ланското издание учествуваше и светската скајранинг и треил атлета, Шведскиот репрезентативец Мартин Нилсон кој го проби рекордот на стазата и истрча неверојатни 2 часа и 11 минути.

Тркатаа е и национално првенство и изборна трка во две дисциплини — вертикален километар и класик скајранинг од која се формира и дел од скајранинг репрезентацијата на Македонија која оваа година ќе настапи на европското првенство во Италија 3-6 јули.
Овој настан покрај спортскиот дел истовремено ги промовира природните и туристичките потенцијали на Национален парк Шар Планина, со кои сме во постојана комуникација и значењето на природата, планинарството и промоција на планинското трчање преку уживање на бесценети погледи на долините долж патеката.
Секоја година се обидуваме да ја надополниме програмата, па оваа година на стартот/ финишот ќе имаме и Second hand outdoor gear штанд на кои секој ќе може да купи, подари или продаде свое користено или неискористено парче на сочувана спортска опрема.

Опис на патеката: Стартот започнува пред пансионот „Конак “на Попова Шапка, се движи по ски- стазата “Церипашина “до куќарката на крајот од жичарницата, а потоа по планинарската патека оди до Антени (2.520 мнв). Одтаму по гребенот (зимска патека) минува преку Казани, преку Карабунар 2565 мнв и го искачува врвот Бакарадан (2.704 мнв) и Титов Врв (2.747 мнв). Враќањето е по истата рута, а финишот е исто пред пансионот “Конак “. Покрај постоечката планинарска маркација (црвено-бела) на оваа патека, од страна на организаторот се поставени и дополнителни црвено-бели ленти. На патеката има две контролни и три освежителни пунктови (Антени 2.520 мнв. и седлото помеѓу Бакардан и Титов Врв на 2.500 мнв., врвот Титов врв 2748 мнв.) каде има обучени контролори и волонтери. Помеѓу станици има и дополнителни волонтери кои шетаат низ патеката, бодрат а во случај на непредвидена ситуација се тука да пружат помош. Дополнително за безбедност на настанот е ангажиран спасителен тим и доктори.