Двајца планинари лажирале искачување на Монт Еверест и доставиле фотошопирана слика за да „докажат“ дека го сториле тоа. Но, наместо да освојат награда, измамата им донесе 10-годишна забрана за искачување на која било планина во Непал.
Нарендер Синг Јадав и Сима Рани Госвами од Индија тврделе дека го качиле врвот во 2016 година. Рекле дека биле дел од група од 15 алпинисти и дури доставиле фотографии до Непалскиот оддел за туризам за да го потврдат нивното искачување. Сепак, нешто било сомнително.
Прво, други планинари тврделе дека парот не го качил врвот, а еден од Шерпите го потврдил тоа. Откако внимателно ги испитале доставените слики, искусни планинари забележале неколку грешки: маската со кислород не била поврзана со резервоарот и немало одраз на снег во очилата. Исто така, знамињата на сликата биле млитави, што би било невозможно во областа позната по стравотни ветрови.
Hindustan Times објави една од фотографиите и мислам дека не мора да си мајстор за Фотошоп за да откриеш дека искачувањето е целосно лажирано. По истрагата на владата, било потврдено дека фотографиите се лажни, исто како и искачувањето на Јадав и Госвами. Властите во Непал сега се обидуваат да забранат дуото не само да се искачува на Монт Еверест, туку и на други непалски врвови за 10 години.
Кога ја прочитав приказната, помислив дека ми звучи познато. Да, не е прв пат да се лажира искачување на врв, а верувале или не, има се повеќе луѓе кои го лажираат и искачувањето на Еверест. Според некои истражувања бројот на луѓе што го прават тоа вртоглаво расте, од неколку на деценија, до неколку десетици секоја година.
Која е поентата? Зошто луѓето го прават ова? Дали е тоа популарноста во маало, бустање на егото, 15-те минути слава или Инстаграм лајкови? И сето ова, но и разни други поволности. Во разни земји во светот често им се доделуваат национални награди, национални пензии и сл., на оние кои успеваат да се искачат на највисоката планина во светот. Во Индија пак, ако веќе работат за владата, понекогаш им се даваат и унапредувања и други доживотни придобивки.
Па претпоставувам дека логиката на овие „лажни алпинисти“ е “fake it till you make it”. Но, ако ве фатат, можете да изгубите многу повеќе отколку што сте ќариле.