Од Центарот за управување со кризи додаваат дека состојбата со пожарот се следи од пред речиси 24 часа кога на телефонскиот број за итни случаи 112 било пријавено дека гори шума во месноста „Камник“ над селото Теарце во НП „Шар Планина“
Над селото Теарце во Националниот парк „Шар Планина“ на непристапен терен е активен шумски пожар, информираат денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК) Оттаму додаваат дека до местото на пожарот треба да се пешачи околу два часа, оти, како што велат, местото каде што сѐ уште гори е многу високо.
„Денеска регионалниот ЦУК Тетово, во врска со вчерашниот шумски пожар над с. Теарце во Националниот парк (НП) ‘Шар Планина’, информира дека е стапено во контакт со пријавителот, ренџерот кој е вработен во Националниот парк, при што истиот известил дека утрово екипа од НП се собрала во с. Теарце за да се упати кон местото на пожарот. Регионалниот ЦУК Тетово стапил во контакт и со директорот на НП и тој потврдил дека пожарот е се уште активен и дека се гледа од Теарце и Тетово, поточно дека се уште согорува и чади“,велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека за шумскиот пожар и за развојот на настаните е известена и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Од Центарот додаваат дека состојбата со пожарот се следи од пред речиси 24 часа кога на телефонскиот број за итни случаи 112 било пријавено дека гори шума во месноста „Камник“ над селото Теарце.
По добиената пријава, вработени од Националниот парк „Шар Планина“ се упатиле кон локацијата каде што е активен пожарот, при што било утврдено дека тој имал три крака, односно се ширел на три страни и бил на многу тежок и непристапен терен.
„Екипата од Националниот парк, заедно со директорот на Паркот, во момент на вчерашното информирање во 17:30 часот, се повлекувале надолу. Како резултат на метеоролошките и временските услови, поточно на воздушниот притисок, чадот од пожарот се спуштал надолу и истиот им создавал големи проблеми во дишењето на вработените и заради тоа тие се повлекле“,се додава во соопштението на ЦУК.
Дополнително, оттаму велат дека при вчерашниот увид на местото на пожарот утврдено е дека била опожарена површина од околу пет до шест хектари. Дел од површината била букова шума, а дел биле пасишта и папрат.
Од ЦУК велат дека дежурна екипа на Националниот парк ја следела состојбата со пожарот на терен, иако оттаму информирале оти постои надеж дека со падот на температурите е можно огнот да се самоизгасне.